Бојаџи на парчиња

Рецензија за филмот „Ругање со Христа“ на режисерот Јани Бојаџи

Сунчица Уневска
Рецензент

Веднаш на почетокот да расчистиме. За филмот „Исмевање (Ругање) со Христос“, не би пишувала рецензија. Да се напише рецензија за едно дело, значи дека го сметате за уметничко дело кое заслужува за него да се направи критички осврт, кое заслужува анализа, кое има добри и лоши страни и кое на свој начин треба да биде оценето. Тоа не е случај со филмот на Јани Бојаџи, каде што тој освен како режисер, се јавува и како сценарист, монтажер, продуцент…. Зошто? Затоа што „Исмевање со Христос“ е чиста пропаганда и „филмска“ конструкција водена така за да може да се пласираат бројни пропагандистички и политички цели. Ова аматерско и тенденциозно дело нема ни „ф“ од филм и затоа не заслужува филмска рецензија, но поради целата иронична ситуација што се создаде околу овој филм во нашата земја, решив да направам еден вид осврт, бидејќи ред е ако зборувате против некое дело да објасните и зошто.

Првото прашање што се наметнува, секако, е темата на филмот. Која е темата на „Исмевање со Христос“? Од една страна, овој филм навидум има едно чудо теми, а тоа се: прашањето за Егејците, проблемите со Албанците, вистината за Македонија, прашањето за Исус Христос, за Александар Македонски, за Грција, за библискиот народ, за неправдите, за европскиот пат, итн., итн., а од друга страна, филмот има само една тема, вистината за Македонија и сонот за обединувањето на Македонците. Со други зборови, филмот пласира многу опасни тези, небулозни тврдења и такви размислувања кои се надвор од памет, следејќи ја и надоврзувајќи се на тезите на претходната власт и целата лудост пласирана преку проектот „Скопје 2014“. И што се случи? Кога некој се најде навреден од оваа во многу нешта фашистичка идеологија, филмот и неговиот автор добија крилја и сега тие се жртви и тие се оние кои се бранат од „фашизмот“.

Да не е тажно ќе биде навистина смешно со што се занимаваме. Денеска, кога светот оди напред, кога многу конфликти и сонови за големи земји се распрснаа како парче стакло, ние на еден многу перфиден начин, навидум неагресивен и тивок и понатаму веруваме во сеништа и цврсто се држиме за она што веројатно ни го дава идентитетот што го немаме, дека сме библиски народ. Не е важно што станавме предмет за исмевање насекаде во светот и што некој навистина се обидува да нè соочи со реалноста. Не е важно. Важни се небулозите кои и понатаму ќе нè остават онаму каде што со години и со векови сме, на маргините на историјата (зборувајќи за факти, не за чувства).

Јани Бојаџи се дрзнува да зборува и да ги стави во филм оние познати тези и веќе слушнати од некои тврдокорни „умови“ на претходната власт. Она што е страшно, е што поддршката спрема таквиот начин на размислување во земјава е огромна. И тоа не само заради ироничната ситуација што се наметна по реакцијата на Министерството за култура и обидот овој филм да се забрани, што беше апсолутно погрешно, туку и поради едноставното верување и потребата да се поддржат тие тези како нешто што нас како македонски народ нè одредува. Штета е што сакаа да го стават филмот во бункер, правејќи му толку голема реклама. Бидејќи, факт е дека делата кои се ставаат во бункер по правило ја добиваат поддршката на јавноста и секогаш се мисли дека се вистинити, затоа и се кријат. Не, напротив, овој филм треба сите да го видат. Бидејќи во него им се дава лик и глас на сите познати и премолчени небулози. Па барем ќе знаеме и ќе можеме за тоа да зборуваме.

Интересно е дека „Исмевање со Христос“ нема приказна. Тоа е филм кој прави таква папазјанија, обидувајќи се да натрупа сè во една исконструирана приказна за Александар, синот на Лазар, кој ќе тргне во потрага по вистината за Македонија. Во него се прикажани настаните поврзани со Албанците од нашето блиско минато, но тие не се ставени во никаков контекст. Користени се толку настани, а сето тоа се сведува на разговор за револтот на Албанците во Тетово поради привилегиите што ги добивале Егејците, побегнати, според Албанците, од друга земја и наместо таму да си ги решаваат проблемите, тие доаѓаат тука ред да ни стават. Егејците добивале станови и работни места, а Албанците биле онеправдани и тие сега се борат за својата слобода, за својот јазик и за да бидат свои на своето???

Продолжува замислената приказна за Егејците, особено низ тирадата која ја изговара Јоана Поповска и која се повторува и на почетокот и на крајот, дека сите сме од исто семе, од една мајка родени, дека револуцијата е со пресечена глава, но дека ќе победиме. Владо Јовановски продолжува објаснувајќи дека тие се борат за Македонија, ама нема каде, па затоа го одбрале Александар, кој живее во Париз, бидејќи тој е признаен… И така натаму. Сè до објаснувањето кое Јовановски му го дава на Александар (Љупчо Тодоровски Упа) за Александар Македонски и за Господ, тврдејќи дека Исус бил син на Александар Македонски. Потоа, дека Грците го убиле Александар Македонски плашејќи се дека Македонецот ќе го освои светот. Но Александар не умрел, долго го лекувале тибетански свештеници и потоа бил преуморен за да се врати. Затоа Господ го праќа Исус за да види кои се предавниците на Македонија…

И сето тоа Јани Бојаџи сака да ни го прикаже како љубовна приказна??? Навистина, добро би било да има приказна, па макар и љубовна. И оваа циркузијада продолжува во цели два и пол часа, ви се чини дека има пет краја, ама авторот не се откажува, сè уште има што да каже. Една од омилените тези на Бојаџи е дека „утре е вчера“, за на крајот, на сликата каде што Александар, односно Македонија е распната, да пишува дека „ова е твојот европски пат кон иднината“. Не дека нема, има Бојаџи обид низ музиката и низ некои сцени да направи баланс, кој е толку смешен и очигледен, што не менува ништо. „Исмевање со Христос“ е аматерско дело и вистински политички памфлет, кој на толку површен и дури навредлив начин се обидува да ни каже и да нè убеди дека ова е уметничко дело и дека тој има право на свое видување. Да, тоа е така, кога навистина би било така. Но, не е.

„Исмевање со Христос“ е голем обид за додворување на претходната власт и дело кое на толку инфантилен начин нè враќа којзнае колку години назад. За да докаже што? Дека Македонија треба и понатаму, како што цврсто веруваше ВМРО и како што цврсто веруваат многумина, да остане во минатото, дека и понатаму треба да сонува за голема Македонија во време кога сите вакви обиди неславно пропаднаа, не само затоа што се небулозни, туку и затоа што се нереални. Но, и затоа што светот ита кон иднината, не онаа која е врзана со некое мое и твое вчера, туку кон иднината ослободена од траумите на фашизмот и исклучивоста на народите. Овој филм во таа смисла е опасен, иако ја нема таа сила која, пред сè, му ја даде најавената цензура, но опасни се тезите и фашистичката идеологија. Нема одбрани и библиски народи, тоа ни го покажаа и последните војни на Балканот, има само народи кои умеат да се почитуваат и да одат напред и оние кои сонуваат за нешто што не постои, фатени во утрешното вчера и во небулозите кои полека, но сигурно ги водат назад. На маргините на историјата.

Текстот е преземен од „Слободен печат“

ОСТАНАТО ПО ВАШ ВКУС