„Ганза“ – скромно место на одлична локација

Од рубриката „Дегустатор“

Пивница „Ганза“ - Дебар Маало

Во срцето на скопската боемштина, некаде кон крајот на дебар-маалската калдрма, постои едно местенце создадено за секој мераклија на добрата храна.

Пивница „Ганза“ е местенцето кое нè изненади со својата душа и пријатен амбиент. Уште на вратата нè дочекаа двајца конобари, пристојно стокмени во онаа универзална угостителска наметка, со широка насмевка на лицата и со искрена доза на гостопримливост.

Ни ја дадоа најубавата маса, онаа дрвената, покриена со црвен кариран чаршаф, во просторијата каде што е дозволено пушењето цигари. Од сараунд-звучниците се слушаше тивка староградска музика, а конобарите веќе ги подготвуваа тефтерчињата за да ги испишат нашите нарачки.

Иако не бевме премногу гладни, сепак не можевме да им одолееме на разните специјалитети испишани во богатото мени. Конобарот ни ја препорача шарската плескавица како најдобро решение за такви како нас и за сите оние кои се двоумат. За криглата ладно пиво воопшто не требаше да праша.

Две шарски плескавици, едно узо, една шопска салата, помфрит со сирење, пилешки крилца… Ова беше само за почеток. 

Вкусот – солиден. Декорација – традиционална македонска. Оценка: 9.

Потоа стигна кафето, црно македонско, со многу кајмак. Па палачинки со крем.

И на крајот сметката: Точно 1.200 денари. Се зачудивме. Не очекувавме дека оваа наша мала гозба во една од најелитните кафани во прочуената Боемска улица ќе нè чини само 20 евра.

Се заблагодаривме и ни се заблагодарија.

„Е, вака се води кафана, дечките оставија лице за другпат пак да им дојдеме“, си рековме меѓусебно и задоволно стапнавме на калдрмата.

До следното читање, во следната кафана.

Останато