Сликата која го заслужува Холивуд

Салвадор Мунди (Спасител на светот) како што е наречена сликата – можеби – е дело на ренесансниот гениј Леонардо да Винчи, а можеби е дело на некој од неговите ученици или плагијатори. Истовремено, токму оваа слика, а не Мона Лиза на Леонардо, ниту Ѕвездена ноќ на Ван Гог, е најскапата слика на светот. Препродавана многупати, минатата година достигнала цена од 450,3 милиони долари – што е највисока сума некогаш издвоена за една слика. Сегашниот сопственик е Министерството за култура и туризам на Абу Даби, односно Музејот Лувр во Абу Даби, кој ја откупи сликата на аукција од куќата Кристис.

Историјата на откривањето, реставрацијата и препродавањето на оваа слика во најмала рака заслужува да биде сценарио за некаков холивудски трилер. Нејзиниот заплет почнува со приказната дека многу долго време се сметало оти Салвадор Мунди е само една од дваесетината копии на сликите на Леонардо.

Дел од експертската јавност која верувала дека сликата е навистина на Леонардо наведува дека уметникот ја насликал за францускиот крал Луј 12. Сликата на чија позадина во 17 век било изгравирано името на авторот (Леонардус да Винчи пинксит), со векови поминувала низ рацете и одаите на британската монархија, нивните љубовници и вонбрачни синови и ќерки. Исто така, интересен е фактот дека цели 20 децении од оваа слика немало ниту трага ниту глас.

Во историските записи повторно се појавува во 1900 година кога дошла во рацете на колекционерот и трговец со уметнички слики, Френсис Кук. Тогаш било заклучено дека се работи за дело на сликарот Бернард Луини, кој бил следбеник на Леонардо и кој го презел неговиот стил. Кук во 1958 година ја продал оваа слика за 45 фунти, а на аукцијата било кажано дека се работи за дело на ученикот на Леонардо, Џовани Антониј Болтрафиј. И така се верувало сè до 2011 година.

Но, во 2005 година една група трговци со уметнички дела ја откупиле сликата во САД за помалку од 10.000 долари, надевајќи се дека под слоевите на бојата се крие вистинскиот Леонардо.

Реставрацијата на Универзитетот во Њујорк траела со години. Дрвото од орев на кое Леонардо сликал пред повеќе од 500 години добило големи бразди долж целата слика, но реставрацијата ги поправила тие штети.

Рентгенската снимка покажала дека во длабоките слоеви на сликата се гледа палецот на Исус дека бил во сосема друга положба, под поголем агол во однос на другите прсти, а дека подоцна бил преправен – а такви траги не се наоѓаат на плагијатите. Овој податок, како и некои други детали како што се потезите на четката за време на сликањето на косата, деталите на рацете кои се специфичност на Леонардо, покажале дека не само што не се работи за плагијат, туку дека сликата е навистина дело на Да Винчи.

Во 2011 година оваа слика за првпат била изложена во Лондон како дело на Да Винчи, а две години подоцна била продадена за 75 милиони долари на швајцарски трговци со уметнички дела. Подоцна, оваа слика заминала во рацете на руски колекционер за 125.5 милиони долари, а минатата година на маратонската аукција беше откупена од арапскиот принц Бадр бин Абдула за 450.3 милиони долари.

ОСТАНАТО