Анастасовски: Љубовта меѓу Ристе и жирафите заслужи светска популарност

Горан Анастасовски

Јас не можам да ги разберам македонските портали. Ги пренесуваат од збор до збор странските медиуми што пишуваат за мене, а на ниту еден не му текнува дека живееме во иста земја и дека можат да добијат ексклузивни материјали од мене наместо да копираат.

Мартин Богатиноски
Автор

Горан Анастасовски е името и презимето на еден од најдобрите фотографи во Македонија, па и пошироко. И тој не фотографира било што. Едноставно, си има принципи човекот. Заслужено.

Најголема страст му се животните, најмногу дивите. Омилено место – Скопската ЗОО.

Тој е одамна познат кај јавноста по своите ремек-дела. Деновиве, пак, направи „бум“ со приказот на жирафите кои се милуваат со Ристе, еден од вработените во зоолошката.

Вие сте еден од најредовните фотографи во скопската Зоолошка градина. Таму, човек може да ве види и на делник и во викенд. Зошто токму тоа место?

Како голем вљубеник во животните и природата, а во недостаток на истите, единствено место каде што можам да си ги задоволам страстите е скопската Зоолошка градина.

Досега имате направено илјадници фотографии од мајмуните, лемурите, лавовите, волците, мечките… Кое животно е најфотогенично, а кое е најтешко за сликање?

Сите животни се фотогенични на свој начин, а најголем проблем при фотографирањето е просторот во кој се сместени. Најтешко за фотографирање е кога животните се затворени во кафез и тешко можат да се избегнат елементите како решетки, врати… Едноставно, не сакам такви предмети да се наоѓаат на фотографијата.

Сте размислувале да ја замените Зоолошката градина со вистинската животна средина на животните? На пример, да си дозволите една тура во Африка, на пример?

Секако дека размислувам, но со оглед на моменталната финансиска состојба во државата, тешко дека во скоро време би можел да си го дозволам тоа задоволство.

Фотографиите со жирафите од скопската Зоолошка градина на кои се гледа како тие се галат и се бакнуваат со еден од чуварите, деновиве направија голем „бум“ во домашните, но и во светските медиуми. Како се случи да ги фотографирате токму во такво расположение?

Не само во зоолошката градина, туку и воопшто, јас секојдневно сум во потрага на интересни случки со животни. Во конкретниов случај во скопската ЗОО, решив блискоста помеѓу Ристе и жирафите да ја споделам со нашата, а и светската јавност.

Голем број Ваши ремек-дела, вклучувајќи ги и жирафите, осамнаа на насловните страници на повеќе светски весници. Како е да се соработува со медиумските гиганти?

Многу лесно, а воедно и екстремно тешко. Лесно е затоа што ако имаш добри фотографии, тогаш нема никаков проблем тие да се најдат на најпознатите светски медиуми. Всушност, тие сами ќе те најдат. Меѓутоа, екстремно тешко е ако не ви се врвни фотографиите. Тогаш немате никакви шанси.

Честопати се случува Ваши фотографии да бидат објавувани и на македонските портали. Ве прашуваат за дозвола? Ви плаќаат? Им се лутите? Како оди таа работа?

За плаќање да не разговараме затоа што не постои такво нешто. Искрено, јас една друга работа не можам да ја разберам. Ги пренесуваат од збор до збор странските медиуми што пишуваат за мене, а на ниту еден не му текнува дека живееме во иста земја и дека можат да добијат ексклузивни материјали од мене наместо да копираат.

Велат дека мајсторијата е најпотребна за да се направи квалитетна фотографија. Но, колку е потребна скапа и современа опрема за да се доловат деталите?

На прво место е волјата и талентот на фотографот, додека, пак, опремата може да биде и не толку скапа како што се мисли меѓу лугето.

Одамна беше кога Ваши фотографии се продаваа на „Али Експрес“ во вид на навлаки за перници, односно фотографиите со животните од скопската ЗОО беа испринтани на навлаките и беа пуштени во продажба. Како се справувате со ваквите проблеми?

Не само на „Али Експрес“, туку и на „Амазон“ се продаваа разни предмети со мои фотографии. Тоа се украдени фотографии и јас немам добиено ников ќар од нив.

Се живее ли од фотографија?

Од ваков тип на фотографија дефинитивно не се живее. Од друг тип, како што на пример е фотографирањето свадби и други веселби, можеби може да се живее, но јас не можам да кажам затоа што не работам таков вид на фотографија.