Анонимна докторка од Брза помош: Работиме без прибор за работа

Симона Коцевска
Автор

Без разлика дали се работи за сообраќајна несреќа или било каква друга незгода. Неважно е дали станува збор за долготрајна болест или за ненадејна повреда. Едноставно, кога имаме потреба од лекар – сите ние веднаш повикуваме Итна медицинска помош. А тие, лекарите, во бели мантили, секогаш се тука за нас.

За нив не постои делник, викенд, мрак, ден, дожд, снег – за нив е најважен човечкиот живот. И така треба, иако, нели, не дај Боже да ни притребаат.

Но, за жал, оваа благородна професија по сè изгледа се наоѓа на едно од најдолните скалила во македонското општество. Еден ги пцуе, друг ги навредува, трет ги тепа… А да не зборуваме за платите на лекарите. Срамно.

Токму за ваквите проблеми со кои секојдневно се соочуваат екипите на Итната медицинска помош во Македонија, разговаравме со една докторка која реши да зборува отворено и без влакна на јазикот. Секако, нејзиното име нема да го откриеме од разбирливи причини. Оти ни е таква државата.

Уживајте, восхитувајте се и ужаснувајте се!


Во брзата помош неизоставен показател за успешност е златниот часво згрижувањето на итни случаи. За колку време итните медицински случаи ја добиваат потребната помош?

Точно е дека златниот час е најважен во спасувањето на нечиј живот и можам да кажам дека за релативно кратко време т.е за неколку минутки се пристигнува кај пациентот на кој му е потребна итна медицинска помош. Сè зависи од тоа и во кој дел на градот живее пациентот, па така да може и за 2 минути да сме веќе излезени на терен. Ние по добиениот повик веднаш излегуваме, многу често и трчајќи. Треба да се земе предвид дека ИМП не го покрива само градот, туку овде припаѓаат и околните села и сите патишта и автопати кои се под таа општина. Ние имаме села кои се одалечени и 20 минути од самиот град, па се подразбира дека ние не можеме таму да пристигнеме за 2 минути.

Што уште е потребно да се вложи во брзата помош кај нас, за да бидеме рамо до рамо со европските служби?

Жално, но сепак реално е дека сме многу далеку од европските земји. Прво, на нас најмногу ни недостасува медицински персонал, потоа многу опрема и обуки. Како пример, Турција и Израел имаат многу волонтери на моторцикли кои први пристигнуваат на самото место и пружат прва помош додека да дојде амбулантското возило. Таму имаат и многу обуки, но пред сè, пак ќе напоменам, кај нас има голем недостаток на медицински персонал.

Честа тема е преоптеретеноста на брзата помош со случаи кои не се приоритетни. Од повиците кои ги добивате, колкав е процентот на реално итни случаеви?

Па не само повиците, ние функционираме и како дежурна служба што значи пациентите и сами доаѓаат во амбуланта 24/7. Не само што сме преоптоварени со неитни повици, туку сме и исцрпени од таквите пациенти. Затоа што, тие многу често креваат паника за ништо, претежно се вообразени и некултурни, тешко ги убедуваш дека не им е ништо, а кога ќе им дадеш упат за во болница кај специјалист да се изврши понатамошен преглед, ти губиш уште половина час убедувајќи те дека тој нема зошто да оди во болница. Реално, многу е мал бројот на реално итните повици. Пред некое време на дежурство добивме повик во 3 часот по полноќ за покачена телесна температура кај дете, во едно од селата, и замислете, одиме таму и мериме температура 37.7, а сирупот стои на масата. Па кажете, дали е во ред за вакви случаи да губиме време?

Во соседството пред неколку години е воведена специјализација за итна медицина. Дали сметате дека и кај е нас е потребно такво нешто, со цел поголема спремност на докторот? Верувате ли дека младите доктори би биле заинтересирани за работа во итната медицина?

Па да, потребна е таква специјализација и во Македонија каде докторите би биле повеќе подготвени и фокусирани само на најитните случаи. Но и кај нас е веќе воведена специјализација по ургентна медицина. Моментално кај нас во ИМП работат доктори по општа медицина и од нив се очекува да бидат специјалисти по ургентна медицина, интернисти, педијатри, ортопеди итн. Секој доктор што сака малку повеќе адреналин, верувам дека ќе сака да ја работи таа работа.

Се шират гласини за евентуално приватизирање на Итната медицинска помош во Македонија. Каков е вашиот став околу ова прашање?

Не знам колку ќе успее тој модел овде кај нас. Треба да се направи добра проценка па потоа да се влегува во таков голем зафат. Пред сè, поаѓајќи од самиот збор приватизација веќе поголем дел од персоналот е исплашен, бидејќи прво нешто што им доаѓа на памет е дека ќе ги намалат и така веќе малите плати. Не знам како точно би функионирале како јавно-приватно здружение, но може повеќе да нè исплаши, па да има одлив и на така веќе малиот број вработени во ИМП.

Во изминативе неколку години се сменија неколку министри за здравство. Од Тодоров, до Таравари, па сè до Филипче. Според постапките и според работењето, кој од нив најмногу знае да го цени човечкиот живот?

Морам прво да напоменам дека за министер на здравство треба да биде доктор и само доктор. Ќе почнам од господинот Филипче. Едно големо браво до сега затоа што за релативен краток временски интервал направи многу. Прва и најболна точка за сите медицинари е платата. Тој ја покачи, иако за многу мал процент ,но ете сега се најавува уште едно зголемување. Го покачи ноќниот труд и дежурствата, што е многу битно и е еден начин како да се задржат докторите во Македонија. Но, да бидеме реални, сепак е многу мала платата за работата што се работи. Тука има многу за дискусија, посебно работата во ИМП каде се работи и на терен во секакви прилики и неприлики и на дожд и на ветер и на +50 степени. Сегашниот министер реновираше и неколку клиники. Не само што се заменија плочки и подови, туку се донесе и нова опрема, се набави поквалитетен инсулин и да не набројувам има уште многу работи, а и јавноста веќе е запознаета. И лично верувам дека ќе направи многу затоа што пред сè е доктор, тој најдобро го разбира целиот персонал што дежура, кој работи на празник, викенди. Го знае патот по кој одел за да биде доктор и затоа многу повеќе ќе го цени нашиот труд. За господинот Таравари нема што да се каже бидејќи многу малку време беше министер, а мое мислење е дека и тој ќе направеше многу за сите во здравството, да не се повторувам, бидејќи и тој самиот е доктор. За господинот Тодоров мислам дека најголема грешка што правник поставија за министер за здравство. Како прво, тој не може да разбере колку труд, мака, одрекување од многу работи, непреспиени ноќи се потребни за да се заврши Медицински факултет. Второ, едно е ти како министер да отидеш во контрола во една болница на неколку часа, но сосема друго е ти да работиш секој ден во никакви услови, а да не зборуваме за некултурата и безобразноста на пациентите. Уште од самиот почеток даде на знаење дека тој не го цени доволно медицинскиот персонал, па им даде многу права на пациентите, поттикнувајќи ги веднаш да тужат, да пријават, па затоа сега се соочуваме со секакви напади.

Што би кажале ако добиете можност во јавноста да ги пласирате најлошите и најстрашните работи со кои секојдневно се соочувате на работа, а за кои е строго забрането да се зборува?

Најлошата работа е што сè помалку доктори има во земјава. Доколку не се покачат платите на завидно ниво за да сите останат овде и да се реновираат установите како секој би имал малку поголема волја да работи, се помалку успех ке имаат сите доктори. Демотивирачки е кога немаш пристојна просторија за одмор, пристојна ординација за преглед, немаш прибор за работа.

Умираат ли пациентите од негрижата и непрофесионалноста на лекарите?

Ние сме ИМП и немаме многу време за негрижа и непрофесионалност. Ние за кратко време го средуваме пациентот и го транспортираме до болничка установа. Да, се случува и кај нас, но многу е ретко да почине пациент во санитетско возило. Тоа не е од негрижа и непрофесионалност, туку од самата животозагрозувачка состојба на пациентот.

Постојат ли вербални закани или физички напади врз белите мантили од страна на семејствата на пациентите кои не сте успеале да ги спасите?

Закани колку ти душа сака, но повеќето не се од фамилијата на пациенотот кој починал, туку од оние кои бараат возило на брза помош за неитни случаи. Пример, 40 минути се расправа таткото на двемесечно бебе без наод. Тоа се случува во 1 часот по полноќ бидејќи бебето многу плачело. Се трудиш да му објасниш дека тоа е нормално, го прегледуваш по вторпат бебето и пак без наод, и упорно бара возило да се транспортира до педијатрија бидејќи тој немал кола, а и на братучетка му двете деца не плачеле толку како неговото. И си зема за право да ти се заканува, дека ќе те тужел ако нешто му се случило на бебето.

Која ситуација на теренот направила да се чувствувате среќни бидејќи се занимавате со оваа професија?

Секоја ситуација која ќе заврши со среќен крај не прави нас цела екипа и среќни и задоволни со работата што ја работиме.

Колку години имала најмладата личност што сте ја спасиле, а колку најстарата?

Најмладата особа беше двомесечно бебе, запустено од родителите, најмногу од мајката. Неухрането, несредено, цијанотично, беше страшно за гледање. Најстарата беше 86-годишна баба со инфаркт, која сега си функионира нормално.

Каков е еден просечен ден без интервенции и колку временските (не)прилики влијаат на бројот на интервенции?

Па доколу нема повици, секогаш има пациенти кои доаѓаат за обични прегледи, но морам да кажам и непотребни. Инаку, денот гледаме да помине што помалку стресно, со смеа, шали колку што може повеќе. За временските неприлики што да се каже, многу е тешко да спасуваш живот на дожд и на мраз, а уште потежок е и транспортот до болница по замрзнати улици и патишта

Најтежок случај кој сте го имале, а кој завршил со среќен крај?

Па не знам кој да го издвојам, секој итен случај сам по себе си има тежина и секој е тежок на свој начин. Сите инфаркти, мозочни краварења, белодробни тромбоемболии, си имаат своја тежина и поголем дел завршуваат со среќен крај, па можам да ги прогласам за успешни