Чип за секој политичар

Секој што сака да се занимава со политика, да биде премиер, министер или пратеник, секој што се чувствува подготвен да носи важни државни одлуки во име на граѓаните, да лапа патни трошоци или да нарачува тендери, мора најпрво да се согласи во неговиот врат да биде вбризган микрочип.

 

Едно од низата ветувања што градоначалникот Петре Шилегов успеа да ги исполни во досегашниот негов мандат е всушност многу јака работа. Бесплатното чипување на домашните миленици се покажа, и допрва ќе се покажува, како еден мал чекор за човештвото, но голем за кучештвото.

И супер е, бидејќи отсега секое куче ќе си има своја поткожна лична карта во вратот, која освен податоците за животното, ќе ги содржи и податоците за неговиот сопственик. Тоа значи дека секое изгубено куче, доколку биде заловено, веднаш ќе може да му биде вратено на сопственикот. Супер, нели?
Размислувајќи и за сите други помали и поголеми поволности што ги нуди ваквиот проект, одеднаш во мојот ум се вгнезди една многу генијална идеја, секако, инспирирана од актуелниот проблем со кучињата, но поврзана и со актуелниот проблем во политиката.
Зошто, на пример, си велам во себеси, да не се спроведе едно задолжително правило за бесплатно чипување на политичари?!

Едноставно, секој што сака да се занимава со политика, да биде премиер, министер или пратеник, секој што се чувствува подготвен да носи важни државни одлуки во име на граѓаните, да лапа патни трошоци или да нарачува тендери, мора најпрво да се согласи во неговиот врат да биде вбризган микрочип.
– Сакаш да бидеш премиер?
– Сакам!
– Давај ваму вратот.
И оваа мерка не е за да се заштитиме од нападите на пратениците или од нивните нагони за гризење (Барселона нека му ја мисли за Суарез), туку, едноставно, да се обидеме да создадеме терен кој ќе ни овозможи повеќе да не се доведуваме во ситуација да си ги губиме своите политичари.

Оти, кај ги губиме, па и не знаеме да си ги вратиме. И џабе ни се сега сите потерници, барања за екстрадиции, фотографии по бандери и огласи. Нашите изгубени политичари веќе се далеку стигнати, среќно вдомени и во моментов сигурно се се галкаат покрај каминот со новите сопственици.