Долга кратка приказна

Правиме идеали од ситуации, од луѓе, од замислата за совршен живот, а всушност се бараме себеси.
Симона Коцевска
Автор

Оценка на филмот од 1-10

7

Вчеравечер во Кинотеката на Македонија имавме можност да погледнеме еден од низата филмови од современата данска кинематографија.

Долга кратка приказна или оригинално Lang historie kort е филм од 2015 година, на режисерот Мај ел-Туки.

Приказната на филмот ни раскажува за Елен и за нејзините пријатели, кои се наоѓаат во доцните триесетти и раните четириесетти години од животот. Сите тие се преокупирани со компликациите во љубовта кои, помалку или повеќе, самите си ги создале, па трагаат по некакво романтично искупување за неуспешните врски.

Долга кратка приказна е резиме на љубовните врски на пријателите на Елен, и нивните подеми и падови во период од три години. Приказната е раскажана во осум поглавја и и дејствието на секое од нив се случува на забава по различен повод: прослава на Нова Година, вселување во нова куќа, прослава на летната солистиција (најдолгиот ден на северната хемисфера), забава со изненадувања, крштевка, годишнина и јубилеј. И секако – погреб.

Заедничката приказна на оваа група пријатели е потрага по концептот на совршена врска и одговорот на прашањето – што е вистинска љубов?

Сепак, иако постојат повеќе животни приказни во филмот, сметам дека фокусот е даден токму на Елен и на нејзината потрага по љубов. Навидум, Елен е една безгрижна, весела девојка, со успешна професија како лекар. Но, што ли се крие зад белиот мантил и префинетото лице?

Всушност, таа е заљубена во оженет човек и сиот свој живот го пренасочува во чекање и надеж дека тие двајца ќе имаат еден љубовен хепи енд”.

Токму затоа и ми се допаѓа европската кинематографија. Можеби е сурово, но секогаш реално е прикажан еден човечки живот. Па така и приказната на Елен завршува на еден начин кој веројатно не би го очекувале. После две години, нејзиниот сон се остварува? Но дали е тоа токму она што ѝ било потребно? Дали е конечно среќна? Сметам дека во секоја доба од животот на некој начин се пронаоѓаме себеси. Хероината на овој филм се оддалечува од пријателите, не запознава нови луѓе, слободното време го поминува во чекање на разводот на оженетиот дечко и на некој начин се вклопува во сета таа комфорна зона.

За на крај, да сфати дека сето тоа била некаква обична илузија. Дека била заљубена во идејата за среќна љубов, а не во тој човек. Така е и со сите нас. Некогаш толку сме упорни за да добиеме нешто, што во тој момент го сметаме за некој идеал, за нешто што би ни ја пополнило таа празнина и незадоволство. Правиме идеали од ситуации, од луѓе, од замислата за совршен живот, а всушност се бараме себеси. И кога конечно ќе го најдеме своето јас, неважно дали во дваесеттите или, пак, во четириесеттите години од животот, сфаќаме дека среќата ни била цело време пред нос. Во ситниците, во вистинските пријатели и во човекот кој не прави сето тоа да изгледа недостижно. Па тоа е и вистинската љубов, нешто што го сфаќаат и пријателите во оваа приказна, и самата Елен.

Дека сето она што вистински нè прави исполнети и свои, е секогаш до нас. И дека љубовта не треба да ни е недостижен идеал. Туку едноставен допир и држење за рака, кој е нешто природно. Како да знаеш дека тој/таа е вистинската/от. А не нешто што би изгледало комплицирано и невозможно.

Верувам дека тоа е пораката на овој филм. Да се пронајдеме себеси, да научиме да ги одбереме вистинските луѓе, неважно дали тоа се пријателите или партнерот. Нема рецепт за среќа. Едноставно, излезете од комфорт-зоната и правете го она што ви измамува насмевка и спокој.

До следното читање,

С.