Фала ви за војната!

Ако, на пример, решите да одите во војна, политичарите не само што ќе ви бидат благодарни, туку и нема да можете да се одбраните од нив. Ќе ве слават на споменици и на бисти, во воени музеи и на воени гробишта – долго по вашата смрт.

Од друга страна, никој не им кажува „фала“ на луѓето кои одбиле да одат во војна, дури и во војните кои се испоставија како трагични грешки. Таков е примерот со инвазијата на Ирак во 2003 година. Меѓутоа, американските политичари и натаму ги слават ветераните од оваа војна, а ниту еден сенатор нема да забележите кој ќе ги спомне илјадниците демонстранти кои по улиците протестираа против инвазијата.

Славењето на воените ветерани и игнорирањето на борците за мир се случи и во Европа. Имено, на 25 декември минатата година беше одбележана 100-годишнина од познатото Божикно помирување во Првата светска војна. Веројатно ја знаете таа приказна: По петмесечниот покољ од индустриски размери, на католички Божик во 1914 година, борбите на западниот фронт спонтано завршиле. Британските и германските војници во Франција и во Белгија престанале да пукаат едни на други, излегле од калливите ровови и на ничија земја си размениле храна и подароци.