Ѓуровска: Слепото верување во модните трендови е меч со две острици

Даниела Ѓуровска

Не секое парче може секоја девојка да го износи, и не секој тренд е нешто што мора да биде дел од гардероберот на секоја девојка.

Симона Коцевска
Автор

Млада, убава, скромна, паметна, а исто така секогаш фино скоцкана со интересни парчиња облека. Станува збор за модната блогерка и дизајнерка Даниела Ѓуровска, која и покрај пренатрупаноста со обврските, сепак се согласи да одвои малку време и да одговори на неколку наши прашања за светот на модата.  Според неа, за модната сцена во Македонија да биде на повисоко ниво треба сите „сектори во модниот свет да работат заедно, бидејќи како што вели, постои голем потенцијал кој не е доволно искористен. На прашањето колку и дали може да се живее од мода во нашава татковина, Даниела вели дека секој оној кој доволно се труди, работи и кој има талент, секако ќе најде начин да го пронајде своето место во модниот свет. Исто така, Ѓуровска сподели и бесплатни совети за парчиња облека кои ќе бидат актуелни за време на зимата.

Заврши овогодинешниот Фешн-вик. Кои се твоите генерални впечатоци? Има ли спас за модата во Македонија?

Па не би рекла дали има спас или не, бидејќи сметам дека има многу телентирани дизајнери кај нас. Дали доволно се ценат тоа е друга тема. Сепак, одиме во нагорна линија за свеста кај нас колку едно дизајнерско парче е „вредно во однос на гардеробата која е достапна за пошироката маса од типот на „Зара“, „Бершка“ итн. Но, сè уште се соочуваме со тоа да токму овие брендови се и најголема конкуренција на дизајнерите кај нас, за жал. Оваа година на модниот викенд најмногу впечаток ми оставија ревиите кои имаа невообичаен концепт, нешто несекојдневно, па забележав неносливи материјали преточени во ready to wear колекции, интересен избор за манекенки кои не ги пратат пропорциите „90-60-90”, змија на една од ревиите и уште многу интересни моменти.

Модниот блогерај е прилично актуелен кај нас во последниве години. Колкава е влијателноста на модните блогери кај популацијата?

Сметам дека има влијание, а колку се свесни брендовите кај нас не сум сигурна. Како некој којшто се занимава со блогерство подолго време можам да направам компарацијата со што се случуваше неколку години назазад, а што денес. Би рекла дека работите се менуваат на подобро, но за да биде тоа рамо до рамо со блогерството во светски рамки, далеку сме од такво нешто. За модната сцена да биде на повисоко ниво треба сите „сектори во модниот свет да работат заедно за подобрување, а знам дека има потенцијал кој не е доволно искористен. За влијание има секако, во време на социјални медиуми каде инстаграмот е нешто што ни е добро утро и добра ноќ секојдневно, мислам дека и да не сакаме наметнато е да влијае.

Колку и дали може да се живее од мода во Македонија?

Верувам дека може. Сè уште сум млада и „гладна за предизвици и за работа, амбициозноста е она што ме тера да верувам дека може да се живее од модата и кај нас. Тоа што е отежнат патот за да се биде успешен во таа област не е доволна причина за да не дадам сè од себе за да ги остварам своите цели. Сакам да верувам дека оној кој доволно се труди, работи, и како заокружување на тоа има талент, секако ќе најде начин да го пронајде своето место во модниот свет па дури и кај нас.

Испробувањето на новите модни светски трендови – замка или храброст?

И замка и храброст. Не сакам кога гледам униформираност, но тоа е до некаде и наметнато, а девојките лесно го прифаќаат. Во некои случаи е добро, во други не. Некогаш слепото верување во модните трендови е меч со две острици. Не секое парче може секоја девојка да го износи, и не секој тренд е нешто што мора да биде дел од гардероберот на секоја девојка. Секогаш сум за тоа да се биде доследен на својот стил, на својата естетика и на она што прилега на вашата силуета.

Како што би рекле во „Гејм оф тронс“: Винтер ис каминг. Кои парталчиња ќе бидат популарни за на снегот и пред снегот?

Over-sized џемпери, чизми над колена, и баретки. И иако отсекогаш и ја сум носела „енимал принт“, во тренд е да, но советувам да се внимава во која пригода се носи и за какво парче станува збор. Бидејќи преплавени се сите продавници со принтот, а понекогаш девојките претеруваат со изборот на вакви парчиња.

Телевизискиот моден проект на Сергеј Варошлија – потреба или фарса?

Би рекла потреба да, но мојот став во врска со истата е дека не секогаш на правилен начин ќе биде сфатено што е кажано, бидејќи можеби повеќе треба да се осврнеме кон она што е добро, со цел да се пренесе на пошироката јавност како треба да изгледа една девојка или маж. А дека треба да има критика кај нас – треба, начинот на кој е кажана е исто така важен без разлика дали е позитивна или негативна.