Горан Пајак: Уметноста е дар од Бога и не постои наука што може да ја дефинира

Симона Коцевска
Автор

Си реков некако морам, со тебе да се сретнам
па макар и на улица на пешачки премин
и онака семафорите траат пола саат
таман ќе елаборирам на темата
колку ми се свиѓа звукот на твоите патики
кога газат по земја како да сум сам на месечината
од твојот мирис на ментол бонбона правам
неконтролирани фаци и несмасно одам и се сепнувам од тебе
ама ако!

Каков текст еј! Озбилно, каков лик треба да бидеш за да смислиш ваков текст?! Од пешачки премин, до звукот на патиките на девојката, па сè до месечината и ментол-бонбоната. Тоа не го може секој. Тоа го може само Горан Трифуновски-Пајак.

Морам да започнам со новата песна, која веќе се врти по радио-станиците. Песната се вика, ни повеќе ни помалку – „Фан на Лазар Бараков“. И во неа се зборува, ни повеќе ни помалку, за нашата актерска легенда Лазар Бараков. Како се јави баш таква инспирација?

Оваа идеја постои одамна, но Господ ни помогна да ја реализираме баш сега, па уште и заедно со Лазар за радоста да биде уште поголема. Лазар е нашиот херој од детството и респект кон него имаме сите од бендот. Тој е уникатен лик со неверојатна харизма, неповторлив, интересен и пред сè е добар човек. Тој заслужува многу повеќе од една песна, но тоа е нашиот начин да ја искажеме нашата почит кон него.

Ве имаме гледано и како актер. На кое поле се пронаоѓате повеќе? Имате ли некои нови планови околу актерската кариера?

Моја голема љубов е уметноста во секој поглед и не е толку важно низ кој вентил таа ќе излезе. Таа е дар од Бог и не постои наука што може да ја објасни и дефинира. Не ми е важна кариерата, овде се работи за насушна потреба за воздух и не би можел да преживеам без уметноста. Не е важно дали се работи за музика, цртање, пишување, актерство или нешто сосема друго.

Омилена улога и зошто?

Па искрено не можам да се определам за ниту една, сите ги сакам и сум дал делови од себе додека сум ги подготвувал. Понекогаш ми се појавуваат и ми додеваат низ главата сите ликови. Некогаш еден по еден, некогаш сите заедно во хор.

Која песна е личниот печат на „Пеперминт“?

Според реакциите на публиката на нашите концерти и живи настапи, Девојката со точакот, Ако, Дефиниција, Нос, Куче, Сара и Бранка се песните кои најмногу ги расположуваат нашите фанови.

Вие сте еден од ретките бендови кој прави алтернативна, креативна и поинаква музика. Како успевате во тоа?

Не можеме да си помогнеме. Toa се нашите музички вкусови, сите песни го опеваат нашиот имагинарен свет, наша идила која се надеваме дека еден ден ќе стане наша сурова реалност.

Какви се почетоците на Пајак во уметничките води? „Пеперминт“ е вашиот прв бенд? Дали некогаш сте посакале да се откажете, со оглед на ситуацијата во музичката сцена кај нас?

Во текот на годините бев член на повеќе бендови, различни музички правци и стилови и начини на изразување кои понекогаш биле и не толку интересни за пошираката публика, поради нерафинираноста во изразот, текстовите, енергијата или можеби едноставно поради тоа што сме го барале она што сакаме да го правиме. На крајот од сите овие различни варијанти што постоеја, кај мене се роди една нова добронамерна енергија што го донесе „Пеперминт“ на овој свет. Времето се менува постојано, отсекогаш во историјата имало и лоши и убави времиња. Точно е дека во ова време, не секогаш е едноставно да се изреализираат нашите идеи во целост и баш онака како што ние би сакале, но даваме сè од себе ние да се населиме во музиката и музиката да не оживува сите.

Брачниот партнер, воедно и дел од бендот. Постојат ли конфликти на професионален план? Која е позитивната, а која негативната страна од таквата соработка?

Не постојат негативни страни кога се се прави со љубов и во љубов. Убаво е да го споделиш она што најмногу го сакаш со љубовта на својот живот. Истово им го посакувам на сите жители на планетава. Мислам дека само ако недостасува нешто во љубовта, единствено тогаш може да има негативна страна.

Од каде прекарот Пајак?

Принцот Пајак и Империја беше еден од бендовите во моите почетоци – хард рок, хеви метал, поп рок фест. Прекарот Пајак ми остана од тие времиња.

Панкот, мртов е?

Па, не би требало, можеби само едноставно ја менува својата агрегатна состојба и еволуира.