Горан Таневски: Јас на сцена не постојам, тогаш сум во транс

Горан Таневски

Како прв албум ќе се појави „Ascend“ во март 2019 година, а неколку песни од истиот ќе бидат претставени на концертот на 22 ноември во „Колектив“. Вториот ќе биде именуван како „Море“, и на крај, кон средината на 2020 година ќе ја заокружам трилогијата со „Среќен сум дури и без себе“. После тоа ќе се вратам на планина до крајот на својот живот, исто како што завршуваат сите животни приказни со среќен крај.

Во четврток, на 22 ноември, во „Колектив“ ќе се случи спектакуларното музичко воскресение на маестро Горан Таневски.

„Мизар – Друго откровение е проект, а воедно и концертна причина за сплотеноста да се претвори во музика. Вака барем пишува во најавата за ова збиднување. За останатото ќе ви каже самиот Горан.

Уживајте!

 

Кој беше Горан Таневски пред да стане Горан Таневски од Мизар?

Млад човек кој го гледа светот околу себе со отворени очи и никогаш не се плашеше од нови предизвици. Млад човек кој во својата глава имаше многу повеќе прашања отколку одговори и кои одговори реши да ги бара сам.

Што беше најпресудно за да почнете со создавање таква музика? Литература, можеби, или, пак, некое движење од тоа време?!

За човек да се изразува (музички и текстуално) на тој начин, потребно е длабоко во себе да го препознае, барем инстинктивно, генот на сопственото попаѓање. Инсистирав на тоа дека единствено гитарите како инструменти доаѓаат од запад, додека инспирацијата е од тука. На тој начин Мизар излезе од една замка наречена – стереотип. Спојот на традиционалното и урбаното нè одвои од секој дотогашен познат стил во музичкото изразување.

Постарите генерации сè уште го паметат спектакуларниот концерт на „Мизар“ во Куршумли-ан во осумдесеттите. Велат, таква атмосфера и енергија ретко може да се почувствува. Како изгледаше тоа од ваша перспектива, горе од сцената?

На тој концерт за првпат настапивме со повеќе нови песни. Искрено, не очекувавме дека од прво слушање публиката така лесно ќе ги разбере и ќе ги прифати, но бевме убедени дека ќе направиме одличен концерт кој беше долго и макотрпно подготвуван. Сигурен сум дека и нашето подолго отсуство од сцената (цела година престојувавме во Лондон), придонесе за една таква хемија. А како тоа изгледа од сцена? Јас на сцена не постојам, тогаш сум во транс. Емоциите доаѓаат отпосле, во тишина.

По подолго време повторно се враќате на музичката сцена со проектот „Горан Таневски Мизар – Друго откровение“. За што поточно станува збор?

Се работи за проект кој ќе биде заокружен со трилогија, односно три албуми. Како се множеа песните, така сфатив дека се отвора некаква ретроспектива на мојот живот, нешто што можам да го препознаам како сопствена автобиографија. Како прв албум ќе се појави „Ascend“ во март 2019 година, а неколку песни од истиот ќе бидат претставени на концертот на 22 ноември во „Колектив“. Вториот ќе биде именуван како „Море“, и на крај, кон средината на 2020 година ќе ја заокружам трилогијата со „Среќен сум дури и без себе“. После тоа ќе се вратам на планина до крајот на својот живот, исто како што завршуваат сите животни приказни со среќен крај. Се надевам дека бендот кој ќе ме следи, ќе продолжи да ја раскажува приказната и понатаму.

„Мизар“ веќе имаше Второ откровение и Трето откровение, а вие сега најавувате Друго откровение. Зошто одлучивте повторно да го поврзете своето име со групата, ако се земе предвид дека сегашниот „Мизар“, за жал, се претвори во синоним за пропаст и бенд што не требаше воопшто да има Трето откровение?!

Сакал јас или не, публиката ме препознава како „пејачот од Мизар“. Свесен за тежината која мора да ја носам, довербата која ја имам во луѓето со кои во моментов соработувам, но тргнувајќи и од една симболика која го носи тоа име, решив да го додадам „Мизар – Друго откровение“. Малкумина знаат дека Мизар се две ѕвезди. Нашите претци тоа го знаеле и истата ја користеле во офтамологијата. Само слепите, кратковидите и лицемерите не можеле да видат дека се две ѕвезди. Генерално, Мизар е име кое пред сè е синоним на една државност на Република Македонија, отколку што е синоним на пропаст. Затоа кај мене чувството за одговорност може само да се зголемува.

Концертот е закажан на 22 ноември во „Колектив“, а како што пишува во најавата: „Ова е само почеток“. Дали тоа значи дека Горан Теневски се враќа со полна пареа?

ДА!