Горичан: Мора да му верувате на оној што ве тетовира

Ивана Горичан

Темелот на секоја добра тетоважа е уникатноста, креативноста во дизајнот, доброто позиционирање на тетоважата на телото и секако - добрите вештини на тату-мајсторот

Симона Коцевска
Автор

Од цртач на боенки за возрасни до цртач на телата на возрасните. Тоа е Ивана Горичан. Мултитаскинг и мултиталент девојка. Тату-мајсторица.

За себе вели дека сè сака да тетовира, иако, како што потенцира, голем противник е на клише-тетоважите, па самата таа честопати се обидува да ги разубеди клиентите за нешто покреативно. Објаснува дека темелот на секоја добра тетоважа е уникатноста, креативноста во дизајнот, доброто позиционирање на тетоважата на телото и секако – добрите вештини на тату-мајсторот.

Твоето име секогаш асоцира на нешто креативно. Тату мајстор, илустратор? Што е всушност вистинската пасија на Ивана? Како започна твоето патување во светот на уметноста?

Сè што е креативно и вклучува мој придонес. Вистинската пасија е тоа. Кога ќе направам нешто убаво се возбудувам уште повеќе и сакам да направам уште и уште поубаво и на тоа нема крај. Моето патување започна многу невообичаено. Имено, бев во потрага по факултет и сакав да запишам Македонски јазик ама знаев дека не е тоа тоа. И недела дена пред приемниот испит на ФЛУ една братучетка ми рече – ти на Ликовна академија ќе се запишеш – и веќе преку глава ми беше да барам факултет, си реков ајде ќе пробам. Влегов на приемен и еве ме тука.

Што те инспирира секојдневно?

Секојдневно ништо, одвреме навреме знае, и ќе се „закачам за некоја тематика и ќе ја цедам додека не ми помине интересот или не се истркам со времето па работите остануваат незавршени. Во последно време сум инспирирана од византиската орнаментика, пред тоа бев од банкнотите, пред тоа бев од илустрирањето боенки, итн. И секој интерес кој сум го имала сметам дека не сум го заокружила така што ќе се врати желбата за довршување кога тогаш.

Боенка за креативен ден, Мала боенка за големи креативци и Euphorbia се твоите „чеда и наидоа на огромен интерес од возрасните луѓе. Веројатно бидејќи самото боење на некој начин има смирувачко дејство. 

Да не ја заборавиме и „Најдоборото допрва доаѓа. Не ни сонував дека ќе стигнам до момент да имам 4 боенки и тираж од над 5000 примероци, но првата боенка донесе втора, па трета и луѓето како ги добојуваат бараат нова. Имам многу чеда од мојата креаивност, но овие боенки се нешто што наиде на најголем интерес досега. Секако дека ми се драги и многу се радувам кога некој ќе ми каже дека ја има мојата боенка, но сега засега фокусот ми е во тетовирањето.

Од неодамна си дел од едно тату студио. Како и секоја приказна, веруваме дека и твојата има почеток!? Кога се јави идејата да се занимаваш со тетовирање?

Да, дел сум од Inkspired tattoo студиото веќе 4-5 месеци. Идејата за тетовирање се јави одамна ама не мислев дека таа моја желба е реална и го одолговлекував сето тоа додека не ме викна сопственикот на студиото да учам кај него. И сè уште, од ден на ден, сфаќам дека работите за кои сум мислела дека се недопирливи, со многу љубов и работа стануваат секојдневие какво што сакам да имам.

Што сакаш, а што не сакаш да тетовираш и кој е темелот на добрата тетоважа?

Сè сакам да тетовирам, иако сум против тетоважи кои ги имаат скоро сите, па пробувам да ги „разубедам клиентите за нешто покреативно. Секако не би тетовирала нешто навредливо, но такви случаи скоро и да нема. Според мене темелот на секоја добра тетоважа е уникатноста, креативноста во дизајнот, доброто позиционирање на тетоважата на телото и секако – добрите вештини на тату-мајсторот.

Една непријатност со клиентите?

Засега не сум имала некаква непријатност, иако сум сигурна дека во иднина ќе се случи. Непријатност е кога клиентите не му веруваат на тату-артистот и пребаруваат, и според она што досега сум го видела, таквите типови на луѓе завршуваат со не баш добри тетоважи. Треба да му верувате на тату-артистот бидејќи секогаш би го направил најдоброто и она што му прилега на вашето тело.

Кои делови од телото луѓето најчесто ги тетовираат и кои се во главно мотивите?

Најчесто се тетовираат рацете, а мотивите се имиња на децата, имиња на момчињата и девојките (па покривање после тоа), некои едноставни симболи на бесконечност, љубов, вера, а за поголеми тетоважи, често се тетовираат ликови на девојки, часовници, ружи, костурски глави итн. 

Болка, стерилизација. Во неколку реченици.

Болка-ДА! Кој ви кажал дека не боли – лаже. Е, сега, на секое место различно и на секој човек различно. Боли на ребра, не толку боли на подлактица, но боли. Што се однесува до стерилизација, ако отидете во кое било студио да се тетовирате нема да наидете на проблем, сè е чисто, стерилизирано, иглите кои се користат се за една употреба, а она што не се фрла се чисти пред секоја тетоважа. Проблем може да се направи ако се тетовирате дома и во нехигиенски услови, но верувам дека во денешно време тоа е искоренето.

Најчудна тетоважа која си ја правела и дали некој клиент поради болка се откажал на пола тетовирање?

Засега не сум правела чудна тетоважа, или не ми текнува на таква. Чудни се вкусовите на луѓето, а според мене би било чудно да се истетовира нешто за кое знаете дека за некое време ќе се покаете па одново трпење болка, вадење или препокривање. Засега никој не ми станал од тетовирање. Секогаш постои опцијата тетоважата, доколку е голема, да се прави на неколку сесии, и секако дека колку и да ве боли ќе ја завршите, а нема да шетате со недовршена тетоважа. Сепак се работи за нешто трајно.

Твоите идни планови?

Моите идни планови се секако усовршување на тетовирањето, а што се однесува до она на хартија, по дипломскиот испит планирам изложба на графики или колажи, но сè уште не е дефинирана темата.