Како е да се биде македонски студент во Бугарија?

Анѓела Бошковска

Студентскиот град е всушност населба која се наоѓа во Софија. Иако е прилично одалечена од мојот факултет можам да кажам дека е убаво место за престој.

Симона Коцевска
Автор

Мислевте дека младите Македонци најчесто одат во Бугарија само за да извадат бугарски пасош и да му ја дувнат во Германија или во Италија? Не, има и такви кои избираат токму нашиот источен сосед да им биде мајка и татко на нивното знаење.

Ви текнува за што станува збор? Не дека нашиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ е нешто премногу лош, ама сепак, Софискиот си е Софиски. Демек, европски. Некои учат уметност, други – медицина, трети – книжевност. Ама ретки се оние кои се запишуваат на Османски јазик, зарем не?

Е, една од таквите студенти е Анѓела Бошковска од Скопје, која „тапијата“ за завршен Факултет по османски јазик ќе ја добие токму во Софија.

Разговаравме со неа околу тоа како македонските студенти се снаоѓаат во источното соседство, како се прифатени, каде спијат, што јадат, каде излегуваат и со какви проблеми се соочуваат. И замислете, Анѓела сè уште се нема преобразено и засега ниту еднаш не ја слушнавме да ни рече: „Две држави, един народ…“. Или нешто слично. Скроз е добрососедска, и така треба.

При Факултет за турски јазик во Скопје, ти избра да студираш на Факултетот за османски јазик во Софија. Какви можности за работа нуди овој факултет?

Јас студирам во Центарот за источни јазици и култури кој се води под Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“. Разликата помеѓу нашиот факултет и Софискиот е тоа што отсекот „туркологија“ во Софија го опфаќа изучувањето на османскиот (старотурски) јазик. Бидејќи во нашата држава има многу документи и тапии кои се напишани на османски јазик, а притоа се непреведени, по завршувањето на студирањето се надевам на побрзо вработување.

Која е разликата помеѓу „живиот“ и „мртвиот“ турски јазик?

Османскиот јазик е јазик кој се користел во времето на Османската империја, најмногу во администрациите. Овој јазик ја користи арапската азбука и се пишува од десно кон лево. Бидејќи бил под силно влијание на персискиот и арапскиот јазик, тој бил неразбирлив за необразованиот турски народ кој говорел на попрост турски и не користел арапски и персиски зборови. Тој упростен јазик е базата на денешниот современ турски.

Каков е односот на бугарските професори кон македонските студенти, а каков е односот помеѓу бугарските и македонските студенти?

Односот на бугарските професори кон нас, македонските студенти, е ист како кон бугарските. Нема разлика.
Немаме никакви посебни привилегии, ама нема ни некаква поделеност кон нас. Функционираме заедно и поради тоа што сме многу малку студенти на мојата струка сите добро се познаваме.

Спомнавте дека живеете во Студентскиот град во Софија. Како изгледа, какви се условите и што содржи тоа чудо?

Студентскиот град е всушност населба која се наоѓа во Софија. Иако е прилично одалечена од мојот факултет можам да кажам дека е убаво место за престој. Има премногу студентски домови и сè уште се градат нови. Има многу продавници, кафичи, дискотеки, сè што е потребно. Исто така и убав ноќен живот.

Нешто што најмногу недостасува?

Како што веќе кажав, започнати се да се градат многу нови студентски домови, кои сигурно ќе имаат поубави услови од оние старите, ама сметам дека треба да се посветат малку и на старите згради.

Ако треба да направите споредба помеѓу македонските и бугарските студентски домови…?

Месечната такса за престој во студентски дом во Софија е речиси иста со онаа што ја плаќаат нашите студенти кај нас, а условите во старите згради се исти како и во нашите домови. Студентскиот дом нуди и можност за приватно сместување во соби кои се наплатуваат од ноќ, меѓутоа се нови, поголеми и поудобни.

Каков е ноќниот живот во главниот град на Бугарија и каде најчесто излегуваат македонските студенти?

Сигурно веќе имате слушнато дека во Бугарија има добар ноќен живот, а студентите најмногу излегуваат во студентскиот град каде што има многу дискотеки кои работат во текот на целата недела. Јас не сум човек кој многу сака да оди во дискотеки, па затоа можам да ви предложам, доколку одите во Бугарија, задолжително да го посетите Националниот историски музеј, Националниот музеј ,,Земјата и луѓето’’, да ја видите црквата Св. Софија, Катедралата Александар Невски, а ако имате можност да погледнете и една претстава на бугарски јазик во Народниот Театар – Иван Вазов.

Софија или Скопје?

Скопје. Затоа што мислам дека секој човек најдобро се чувствува во својот град.

Каврма

Бугарите се познати по својата специфична храна. Омилено традиционално јадење?

Во Бугарија може да пробате многу поразлична храна од нашата. Користат многу зачини и многу зеленчук. Од традиционалните јадења мене најмногу ми се допадна „каврма“. Тоа е јадење печено во фурна со ѓувеч. Се прави со свинско или со пилешко месо, пиперки, кромид и многу зачини. Друго исто така интересно јадење е „огретен“. Огретенот е јадење кое традиционално се подготвува од варен компир и сирење, а внатре исто така можат да се додадат разни видови на зеленчуци како тиквички, домати, спанаќ, брокули, морков и сл. „Капамата“ е традиционално бугарско јадење што најчесто го подготвуваат за Божик. Се прави со кисела зелка, ориз, зачини и различни видови на месо (свинско, пилешко, телешко, зајачко). Во јадењето исто така се додава и цвекло и сите состојки се печат заедно, полиени со вода и црвено вино неколку часа во рерна.

Бугарите, згодни?

Малку згодни ама повеќе незгодни.