Лазар Бараков: „Пеперминт“ ми го додели македонскиот „Оскар“

Лазар Бараков

Времето поминато на снимање со Колозов и со останатите од екипата беше награда од Бога. Снимањата беа повеќе од весела детска игра. Сè одеше како во еден прекрасен сон.

Мартин Богатиноски
Автор
Лазар Бараков го знаат сите. И млади, и стари, и жени, и мажи. Кого и да прашаш, тој е „царот од приказните“, иако, впрочем, многу ретко се случувало да го видиме со круна на главата. Во македонските народни приказни, тој е најдобриот измеќар, меанџија, ѓавол. И му нема рамен. Тој е човек со харизма. Тој е „малиста поликала“. Глумчиште!

Како се заслужуваат царските компарации? Ви годат, нели?

Да, секако. Не треба да имаш круна на главата за да имаш епитет „царот од приказните”. Доволно е во секоја доверена улога, мала или голема, сам да се ангажираш како да работиш главна улога. Да се вложи голем труд да бидеш запаметен.

Лично јас познавам едно мало дете кое на прашањето „што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“, секогаш одговара со: „измеќар како Лазар Бараков“. Тоа само покажува колку сте популарен кај најмладите генерации. Ве препознаваат ли по улица? Како реагираат?

Тоа за мене е најголемата радост кога дечиња ќе ме видат, ќе дојдат до мене и кога ќе ме прашаат дали можат да бакнат. Тоа се неописливи моменти кои не можат да се објаснат. Децата се најголемото мерило на вистинска заслужена љубов. Во нивните душички носат искреност и вистина кои на возрасните се елан за живот.

Како течеше времето кога приказните ги снимавте заедно со Ѓорѓи Колозов, со Ванчо Петрушевски, со Гоце Тодоровски, Гоце Влахов, Шенка Колозова…? Брзо и продуктивно, или бавно ама забавно?

Времето поминато на снимање со Колозов и со останатите од екипата беше награда од Бога. Снимањата беа повеќе од весела детска игра. Сè одеше како во еден прекрасен сон. За ваквиот резултат влијаеја и режисерите, а најголема заслуга има Драган Велјановски, кој всушност има најголем број снимено македонски народни приказни. Во нашата работа немаше никакви нервози.

„Малиста поликала“ е репликата која секогаш потсетува на Лазар Бараков. Како токму овие грчки зборови се најдоа во сценариото?

Малиста поликала се зборови на грчки владика од патрикааната. Работна приказна по записи од Марко Цепенков, што во превод значи: „Навистина многу добро“. Умешноста на еден амал од Стамбол да измами некои воображени трговци…

Бендот „Пеперминт“ неодамна го сними најновиот хит насловен „Фан на Лазар Бараков“. Како се случи тоа? Разговаравте со Пајак пред да се создаде песната или беше целосно изненадување? Каква беше првата реакција?

Од Горан и „Пеперминт” добив големо и повеќе од пријатно изненадување за мене. Тоа е мојата најголема награда – македонски „Оскар”. Тоа е сублимација од македонскиот народ преку Горан и Пеперминт до мене.

Одамна ве нема во македонските театри, филмови, серии, па и приказни. На публиката несомнено ѝ недостигате. Ќе имаме ли можност повторно да ве видиме на сцената?

Подолго време сум отсутен од државата. Откажав многу понуди од наши телевизии поради ангажмани на страна, но наскоро ќе работам на една улога во еден скопски театар. Со Бога напред, сè ќе биде како што треба.