Од Свазиленд до Македонија

Драги мои сонародници, не треба да се плашиме од промените. Оти, ако и нашата татковина никогаш не се викала Народна Република Македонија, или, пак, на пример, Социјалистичка Република Македонија, можеби и ние сега не би имале можност да се викаме Република Македонија. И не би можеле да скокаме против Северна.

Годинава, по повод 50-годишното постоење на последната африканска апсолутистичка монархија, државата Свазиленд (нè нема тепано во фудбал) го смени своето име во Кралство еСватини (малото „е“ не е грешка). И воопшто не ја болеше. Едноставно, така решил кралот Мсвати Трети кој сметал дека таквата промена е за доброто на татковината и крај.

Пред само две години, пак, Република Чешка се обиде да ја отфрли придавката „Република“ која го означува државното уредување и да се преименува само во Чешка, а сето тоа поради фрик-идеите на тамошните власти кои сметале дека еден збор во името подобро го промовира националниот идентитет. И ене ја, жива-здрава, сè уште произведува најдобро пиво.

Додека истражував, сретнав уште еден интересен пример со многу имиња. Станува збор за судбината на Демократската Република Конго која од 1885 до 1908 година се викала Слободна држава Конго, а за да биде иронијата поголема, во тој период со земјата управувал бруталниот белгијски крал Леополд Втори. Потоа државата била преименувана во Белгијско Конго, па во Конго-Леополдвил, а по независноста во 1960 година, земјата го добила името Република Конго. Во 1971 година, Мобуту Секо Сесе ја именувал државата во Република Заир, а по неговиот политички пад во 1997 година, земјата го добила денешното конечно име Демократска Република Конго.

Кралството Камбоџа, на пример, за да дојде до конечното име Камбоџа во 1991 година најпрво требало да помине преку Кмерска Република и Кампучија. Истото важи и за Џибути, која на почетокот се викала Француски Сомалиленд и Територија на Афар и Исас. Денешните Кирибати до 1979 година се викале Гилбертови Острови, а денешниот Источен Тимор го добил името по Португалски Тимор. Некогашната Германска Југозападна Африка го сменила името во Југозападна Африка за на крајот да се добие денешната Намибија, а Буркина Фасо најпрво се викала Горна Волта.

Па така, драги мои сонародници, не треба да се плашиме од промените. Оти, ако и нашата татковина никогаш не се викала Народна Република Македонија, или, пак, на пример, Социјалистичка Република Македонија, можеби и ние сега не би имале можност да се викаме Република Македонија. И не би можеле да скокаме против Северна.

Останато