Ова не е американски филм

Мартин Богатиноски

Каква корист би имале ние граѓаните од тие лизгалишта, освен тоа што, ете, сега ќе имаме каде да ги усовршуваме нашите паѓања, кршења раце и нозе на замрзнатите тротоари во јануари?!

По неуспешното инсталирање на „зиплајното“ на Шилегов, Владата овојпат измисли друго алтернативно решение со кое автоматски им се втиснува најдолгиот прст (долги се прстите на СДСМ) во здравиот мозок на граѓаните. Како што минатата недела беше соопштено, на редовната владина седница била усвоена информацијата за набавка, користење и одржување на пет монтажни лизгалишта.

Ало бе, лизгалишта? Па дури и пет! Демек, да не бидат галии, врби и вртелешки, нека бидат лизгалишта, м?! Не по тил – по врат.

Најсериозно, како ви текнуваат вакви нешта? Каква корист би имале ние граѓаните од тие лизгалишта, освен тоа што, ете, сега ќе имаме каде да ги усовршуваме нашите паѓања, кршења раце и нозе на замрзнатите тротоари во јануари?!
Размислувајќи за тоа како функционираат нештата на врвот во една држава и како се носат одлуките за трошење на парите од Буџетот, во главава непрекинато почнаа да ми се проектираат сцени од американски филмови. Оти, нели, само во ваквите филмови можат да се видат анксиозните, депресивните и општествено неприфатените како седат во едно идеално кругче, како си ги кажуваат имињата и како започнуваат да си ги редат маките за да им олесни на душата. Па така, неминовно беше да си ги замислам и нашиве од Илинденска, седнати во круг, насмеани и уфирцани, како споделуваат идеи за нови проекти.

„Мора да најдеме решение за кучињата-скитници“, вели првиот.

„И загадувањето на воздухот е огромен проблем“, вели вториот.

„И зелениот картон е многу скап“, додава третиот.

„А да набавиме лизгалиште? Така луѓето ќе се релаксираат и нема да ги забележуваат другите проблеми“ – предлага четвртиот.

„Да набавиме пет лизгалишта!“, велат сите едногласно.

За жал, крајот на секој ваков американски филм мора да биде драматичен и проследен со нечие страдание. Или, пак, во најлош случај, со масовно самоубиство.