Пармаковска: Живеам, значи одбројувам!

Фросина Пармаковска

Одбројувањето во романот е и буквално, оние десет секунди при хируршката интервенција, но и метафорично и како такво, упатува на нов почеток, нов живот кој е, пак, само дел од едно кружно течение на работите при што битно место има и хаосот што неминовно му претходи на крајот и распаѓањето.

Симона Коцевска
Автор

„Да го сакав, можеби и до смртта ќе можев да ги слушам неговите обвинувања и да наоѓам сила да го разубедам, да учествувам во разговорите за подмолните кројачи на неговата судбина, ќе можев и да измислувам секој ден нови игри во кои оброкот ќе биде изеден, апчињата, не оние што го успиваат, туку само оние што му требаат, успешно ќе му ги подметнував за да ми биде подобар, секој ден ќе го убедував дека сум верна и лојална, дека како во бајка ќе се бориме заедно против тој куп од луѓе што сакаат да ни наштетат, ќе обезглавуваме чудовишта низ сомнителни предели и во подземјето ако треба, да го сакав. И кога ќе му паѓаше вербата како што неретко му паѓа, кога ќе ме гледаше како уште едно од чудовиштата зинати да го голтнат, ќе го убедував дека сум му верна, дека сум тука, дека секогаш ќе бидам тука“.

Ова е извадок од романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска. Роман, кој е посебен сам по себе. Роман, кој е роман на годината! Уникатна приказна со интересни ликови.

По врачувањето на заслужената награда, Пармаковска беше буквално затрупана од прашања за интервјуа, заслепена од рефлекторите, опколена со микрофоните… Но, за да не се повторуваме со содржината, ние овојпат решивме да направиме еден поинаков разговор со писателката. Само за содржината во книгата и за ништо друго. Уживајте!

Kога го видов насловот на романот „Одбројување”, се замислив. Пред да почнам со читање, си велев: Kaкво одбројување? Што е всушност одбројување? Дали нашето секојдневие е само едно одбројување? Чекање нешто, некого, можеби нешто што нè вади од монотонијата? Некој вид на надеж? И уште тогаш си ветив дека во првата можност ќе ја замолам Фросина да ми ја открие нејзината перцепција за оваа глаголска именка. И еве!

Одбројувањето во романот е и буквално, оние десет секунди при хируршката интервенција, но и метафорично и како такво, упатува на нов почеток, нов живот кој е, пак, само дел од едно кружно течение на работите при што битно место има и хаосот што неминовно му претходи на крајот и распаѓањето. Не се работи за одбројување како некоја свесна постапка на главниот лик, тоа повеќе оди некако во позадина, како што и впрочем сите ние, имаме таква позадина, целиот живот е едно поголемо одбројување.

Сопругот на главната хероина е ословен само со „мажот”. Kоја е позадината на тоа? Мене лично, ми остави интересен впечаток тој факт.

Целта на таквото ословување треба да се гледа во контекст на случувањата, како и на внатрешното расположение на главниот женски лик затоа што токму таа ја раскажува приказната и токму таа одлучува никаде да не го именува својот маж, а таквиот избор не упатува на ништо друго туку на една свесна тенденција на негово деперсонализирање. Наредното прашање кое природно би произлегло од оваа констатација би било – чуму деперсонализирање? Одговорите се во нејзиниот глас, на секоја страница од романот.

Зошто една млада девојка, која треба да е полна со живот и амбиции, се одлучува да почне живот со еден човек кој не го познава толку добро и одлучува себеси да се стави на последно место? Мислите дека тоа е љубов? Или, можеби, затоа што ја губи мајка си, и затоа што никогаш не живеела во едно, ајде да речеме, нормално семејство, мисли дека тоа е нешто што ќе ја направи среќна?

Тоа е уште еден избор кој подоцна се покажува прилично немарен, но истовремено, тоа е и една рефлексија на нејзината природа и начинот на кој таа го поима светот. Во овој сучај, како и многупати понатаму (со неверството, на пример), таа дејствува интуитивно, брзоплето, не размислувајќи многу на последиците што ќе произлезат од нејзините постапки. Во таа смисла, крајот е своевидна отстапка, се крши нешто длабоко во овој лик кога го промислува целиот живот наназад и конечно, носи одлука што не е кобна, а е поврзана со животот, иднината и новиот почеток.

Кога сме кај „мажот“, тој има прилично интересен карактер. Од еден грижлив и внимателен партнер, наеднаш се претвори во некој што е премногу посесивен и свесно ја повредува личноста што го сака. Дали тој бил секогаш таков, влечејќи ги со себеси траумите од детството? Или едноставно не знае да се соочи со предизвиците на животот? Со луѓето?

Неговата болест која се следи од првите знаци кои изгледаат како обични љубоморни испади па сѐ до силните убедувања на заверата на светот против него, како психичка манифестација е многу полесно да се детектира и да се утврди отколку истата да се лечи, а тоа би подразбирало и детектирање на причините за неа. Голема е можноста траумите од детството да се една од причините за појавата на оваа болест, како што е голема и можноста да е наследена, па сето останато да се некои придружни фактори кои придонеле до нејзино развивање.

Алек. Заљубено момче, кое дозволува емоциите да му го надвладеат разумот и кое не може да ги контролира своите постапки. Или пак, е жртва заедно со сопствениот брат на отсутноста од родителите? Омраза или инает?

Алек, првенствено, е еден незрел лик кој има шанси да порасне и „да го најде своето место под небото“, но тој како со сите сили да одбива да го направи тоа. Од друга страна, тој е природен производ на брак со силен недостиг на искрена комуникација и потиснување на проблемите, па целата негова агресивност, избувливост и деструктивност, се чинат логични последици во целиот контекст.

Иван. Бегство од проблемите и реалноста, или љубов?

Иван не е љубов. Иван е моментална занесеност, бегство од реалноста, адреналин, залажување, една-две станици од долгото возење, Иван е, всушност, неверство и кога во самата основа имате таква деформација, невозможно е од тоа да произлезе така убаво нешто како што е љубовта.

На главната јунакиња зошто ѝ беше потребно толку време за да стави крај и да се бори за себеси? Дали тоа што немаше никој да и биде поддршка, пред доаѓањето на Ема? Дали бидејќи мислеше има надеж за таквиот брак? Што всушност ја охрабри на таков чекор и и даде сила?

Работите се случуваа постепено, таа никогаш не се подготви за таквата поставеност на нештата околу неа, па кога почнаа тие да стануваат видливи, да добиваат имиња и препознатливост, таа, што е и нормално за млад и неискусен човек, се обиде некако сето тоа да го изменаџира. Секако дека тоа е само површинско согледување на проблемите што и се покажува пред самиот крај и тоа е моментот кога ѝ се прелева чашата, конкретно, кога дознава за детето што го носи и безизлезот во кој самата мисли дека се наоѓа.

Дали со бебето кое е на пат и одбројувањата во операционата сала, всушност сфаќа која е, колку е силна и повторно се засакува себеси? Дали за нејзе почнува „новиот живот”?

Токму таа состојба на полузашеметеност во првите одбројувања на анстезијата, таа прави цела една ретроспектива на својот живот со многу луцидни согледби кон секој клучен момент што неа, на некој начин ја дефинирал. Одлуката што ја носи претходно е во спротивност со она до што та доаѓа во полусвесната состојба во операционата сала и среќната околност од технички карактер ќе ѝ помогне да спречи многу голема грешка. Токму тој момент е своевиден билет кон нејзиниот нов живот.

Колкаво е одбројувањето до твојот нов роман?

Можам да кажам само дека одбројувањето започна, конечно пред извесно време почнав да добивам идеи за нови приказни и нешто од тоа запишав. Така отприлика започнало одбројувањето кон сѐ што досега сум напишала.