Порано луѓето нè прашуваа дали ги снимаме, а сега колку е загаден воздухот

Филип Милески

Доколку ја сакате вашата струка и вашата работа, науката треба да биде само репер за што се може да постигнете во неа по завршувањето на студиите, а професорите, луѓе кои ќе ви го отворат вашиот видик и креативно ќе ве надоградат. Трнливиот пат секогаш го креираме сами.

Мартин Богатиноски
Автор

Филип Милески е геодет. Или литературно, ко што би кажал тој – земјомер. Мерач на улици и ѕидови. Инаку, магистер по геодезија на Градежниот факултет во Скопје. Млад, паметен и воркохолик. Тој стварно си ја сака работата. Знаете, тој е еден од оние чичковци кои честопати ги сретнуваме на улица и кои нешто „снимаат“ со некаква чудна камера. Но, што навистина гледаат низ дурбинот? За што им служи тој висок исправен стап што го држат сè додека мерат? На овие, а и на уште многу интересни прашања, ќе ви одговори лично Филип.

Примарна алатка на секој геодет е нивелирот и тоталната станица, кои всушност, во голема мера наликуваат на камера за снимање или на апарат за сликање. Колку често се случува минувачите на улица да помислат дека ги снимате или ги сликате? Како реагираат? Има уште неколку примарни алатки и скоро сите наликуваат на некаков тип на камери. Геодезијата на овие простори не е нова професија и граѓаните во голема мера се запознаени со нашите дејности. На прашањето како реагираат можам да се споредам слободно со новинарите кои прават анкети. Кога и да ве видат, луѓето се тргаат што е можно подалеку, но сепак имаат голема љубопитност. Во последно време најзастапен геодетски инструмент е уредот за глобално позиционирање, па повеќе добиваме прашања за загаденоста на воздухот од прашања за снимање акционен филм. Каков е погледот низ блендата на геодетскиот инструмент? Сите инструменти, без разлика дали геодетски, секојдневни или воени кои користат дурбин, го делат сличниот изглед. Дурбинот сам по себе претставува комплексен и прецизен оптички систем со цел зголемување на ликовите на далечните предмети. Она што вас ве интересира е конченицата која за различни потреби е вградена во различни инструменти и користи различни изгравирани конци. Најчесто користената конченица има изглед на најпростиот снајперски оптички нишан. Што претставува нивелманската летва, односно оној долг „стап” што го држи практикантот секогаш кога геодетот мери? За нивелирање, освен нивелманскиот инструмент, се користи и прибор за нивелирање. Летвата е дел од тој прибор. На постариот тип на инструменти кои користат мануелно отчитување ќе видите сантиметриска поделба на летвата, а новите инструменти користат летва со кодова поделба што овозможува дигитално отчитување на потребната вредност. Накратко, летвата претставува четириметарски линиар. Читателите веројатно знаат дека геодетите се оние кои освен надвор, имаат задача да работат и внатре. Тоа значи дека за да се изработи елаборат за некоја куќа, потребно е да се измерат ѕидовите на таа куќа. Како е да се работи директно со луѓе и какви интересни ситуации ви се случиле на терен? Работа директно со луѓе имаме секојдневно во повеќе сегменти од нашата работа. Етажниот премер не претставува критериум за работа директно со луѓе. Најчесто ние сме им потребни нив и сме повикани од нив па нема некои интересни ситуации. Нашата нација е позната по тоа дека „ја владее“ и „перфектно ја познава“ секоја наука и начин на работа, па како поинтересни ситуации би ги одвоил ретките моментите кога обични минувачи ни делат совети како нашата работа да биде точно завршена. СГГУ ,,Здравко Цветковски – ГУЦ” е единственото средно училиште во Скопје каде што се изучува оваа струка. По матурирањето, колку тој матурант е навистина подготвен за да почне со работа? Секоја диплома без разлика дали станува збор за диплома од средно образование или магистерска диплома го дефинира вашето теоретско познавање од одредена област. Нашиот образовен систем е спремен теоретски да поткрепи геодетски техничар на високо ниво. Теоријата добро звучи, но различно е во пракса. Секој матурант кој нема работно искуство е добар геодет исто колку и магистер без работно искуство. Колку колеги од твојата генерација продолжија професионално да се занимаваат со геодезија?  Во мојата генерација во СГГУ „Здравко Цветковски”, смер геодезија со диплома геодетски техничар завршивме 21 ученик, но само 7 го продолживме образованието по струка. Останатите работат други работи во кои се надевам дека успеале да го покажат својот квалитет како личности. Твоето високо образование го заврши на Градежниот факултет во главниот град, каде што исто така магистрираше. Колку беше трнлив патот за вашиот успех? Ниеден образовен систем, а ни една диплома во нашата држава не нуди трнлив пат. Доколку ја сакате вашата струка и вашата работа, науката треба да биде само репер за што се може да постигнете во неа по завршувањето на студиите, а професорите, луѓе кои ќе ви го отворат вашиот видик и креативно ќе ве надоградат. Трнливиот пат секогаш го креираме сами. Од неодамна започна проектот за регистрирање на инфраструктура во Република Македонија, а одреден период и ти самиот беше вклучен во проектот. За што станува збор? Катастар е синоним на регистрација. Ние во нашата држава имаме Катастар на недвижности кој се надогради со нов сегмент наречен Катастар на инфраструктури. Тоа е последица од промената на гледиштата и вметнување на инфраструктурата како дел во дефиницијата за недвижност. Овозможува добивање на титулар врз патна, електрична, водоводна и слична инфраструктура. Сите знаеме какви палети на услуги нуди Агенцијата за катастар на недвижности за третман на земјиште и објекти. Агенцијата, инфраструктурата ја третира со истите тие услуги. Сумирајќи ги негативните и позитивните работења на Агенцијата за катастар на недвижности, овој сегмент ќе се развива и ќе ја следи цврстината на системот за регистрација на недвижности. Рокот за легализација на објекти во Македонија завршува до Нова година. Дали има најави за ново продолжување на рокот, а доколку не, тогаш што ќе се случува со објектите кои ќе останат нелегализирани, односно како државата ќе може да се справи со овој проблем? Точно, рокот за запишување на права врз безправно изградени објекти завршува оваа година. Овој рок претставува трето полувреме и најверојатно последно продолжение. Тоа не би значело дека во иднина истата постапка нема да се повтори. Во Германија постапката за легализација досега е воведена трипати. Секој нареден пат се зголемува бројот на новозапишaни бесправно изградени објекти. Мислам дека ќе остане задоволен трендот на следење на големите европски држави во сите сегменти во нашата држава. И за крај, најголем проблем за геодетите во земјава? Ќе бидам краток. Постојат два проблеми кои ја опфаќаат целовкупната ситуација: премногу стручен кадар – недоволно работни места и премногу геодетски фирми – мал обем на работа.