„Сама на мојата свадба“

Белгискиот филм „Сама на мојата свадба“ е победникот на 17. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс, што изминативе десетина дена се одржуваше во Скопје. Првенецот на романската режисерка Марта Бергман, кој имаше премиера на годинашниот Кански фестивал, ја освои наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм во официјалната селекција.

„Сребрена ѕвезда“ ѝ припадна на украинската режисерка Марисја Никитјук за „Кога дрвјата паѓаат“, а со „Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио беше награден Штефан Лукач за филмот „Полицајци“ (Австрија). Специјално признание доби шпанскиот филм „Ана преку ден“ на Андреа Хауриета.

Во селекцијата СинеБалкан, за најдобар филм беше прогласен „Брак“ од Косово.

„Со задоволство ја спуштаме завесата на годинашниот Синедејс, првпат како фестивал со акредитација од Меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуценти, со која застануваме рамо до рамо со големите фестивали во Кан, Берлин, Сан Себастијан, Венеција и Торонто. Тие нè препознаа како фестивал кој има одлична селекција на филмови, квалитетни програми и полни кино сали. Во бројки, 17. издание го погледнаа повеќе од 18.000 луѓе и имавме 200 странски гости“, изјави Русе Арсов, директор на Младински културен центар.