Шутка не е Титаник

Мартин Богатиноски

Во фамилија си имаме една бабичка, да ми ја поживее Господ, која честопати знае да раскажува најразлични анегдоти и приказни за својот покоен дедо Стојан. И тоа го прави на еден посебен начин, со жар во очите. Таа никогаш не пропушта можност да го спомне. Доволно е било кој во нејзина близина, неважно дали е роднина, пријател, дете, или, пак, целосен странец, да започне било каков разговор кој ќе ја асоцира и ќе ја потсети на деда си.

И веќе сите ја научивме и воопшто не ѝ замеруваме. Признавам, честопати се случува да слушаме една иста анегдота по неколкупати во еден ист ден, но никогаш не ја прекинуваме. Па зарем има нешто подобро на светов од среќна баба?

Но, знаете зошто го прави тоа и зошто токму тој нејзин дедо е толку посебен? Првично, затоа што е горда внука на еден храбар човек, а второ, тој е единствениот Македонец кој бил дел од екипажот на Титаник и кој останал жив. Имено, тој го преживеал бродоломот само затоа што во целиот тој хаос, успеал да зграпчи нечиј куфер, да облече женски фустан, да стави шамија на главата и да се претвори во жена. Тоа го сторил затоа што на патниците им било кажано оти спасувачките бродчиња најпрво ќе се полнат со жени и со деца, а дури подоцна со мажите, ако има место. И така, со лукавост и со снаодливост, дедо Стојан се вратил жив и здрав кај своето семејство.

Се прашувате зошто токму сега го пишувам ова? Сега ќе ви кажам.

Во изминативе денови се изначитав најразлични верзии за бегството на експремиерот Никола Груевски во Будимпешта, а најинтересно беше тоа што некои унгарски портали објавија дека бегалецот наводно ги минувал границите преправен во жена.

Можете да си го замислите Никола облечен во фустан и со црвенило на образите? Сѐ би дал да го видам во такво издание. Не знам колку оваа информација им е точна на унгарските новинари, но дури и да не е, симпатично звучи.

Само што, еден ден, внуците на Груевски ќе ја премолчуваат и ќе се срамат од оваа негова анегдота. Всушност, тие ќе се срамат од сите анегдоти поврзани со дедо им. Шутка не е Титаник.