Супер беше Здравко, ама…

Симона Коцевска
Автор

Изминатава сабота, едно од поголемите случувања во нашиот град беше концертот на една од најголемите југословенски ѕвезди, Здравко Чолиќ. Првично не мислев да одам, но другарка ми запна, а кога таа ќе запне, тешко е.

И бев. Но, како што и си мислев, дали е до созревањето, дали е до тоа што некои работи веќе ги пакуваш во куферот потпишан изживеани нештa“, како што се наближуваше денот Д, така ми спласнуваше и тој двопроцентен ентузијазам за екс-ју забава.

Нејсе, дојде сабота. Градов си беше во вообичаениот хаос, јас си доцнев на зборното место, бидејќи од животниот стил не се бега толку лесно, зарем не? Автобусот воопшто не ни дојде, такси ко за белја најбрзо за 15 минути, а јас онака му испратив цинична насмевка на Марфи. Верувам дека ме гледаше од некој агол. Како и да е, фативме такси, најбитниот процес – разговор за смислата на животот со локалниот таксист, беше неизбежна.

Салата се полнеше со брзина на светлината, а јас гледав кон трбините, надевајќи се дека ќе остане некое слободно место, оти на 24 годишна возраст веќе не си најсреќен кога ќе земеш карти за партер. Ко пензионер во вторник, трибините се претворија во преполни двокатни автобуси.

И некаде околу 21:30, се појави и Здравко. Среќните погледи на средовечните тетки не можам да ви ги доловам ни со цртање. Здравко! Симпатија њене младости, па то је нешто посебно!

Не можам да дадам замерка на озвучувањето, на организацијата, на кореографијата, на музиката, на осветлувањето. А најмалку на Здравко! Иако веќе во изминати 60ти, човекот има таква енергија на која многумина можат да позавидат. За вокалните способности не би коментирала, нема кој не знае дека неговото грло припаѓа во петте најмоќни вокали на Балканот. Сè уште знае да направи атмосфера, со тоа што и со најобична, просечна, па и приглупа песна како Ружице моја Рушка, зрела си ко крушка”, знае да ја крене публиката на нозе. Тоа не го може секој. Можеби и затоа постои на сцената со години.

И во саботата, можеше да се забележи публика од најразлични генерации. Почна одлично. Првиот половина час народот паралелно со него ги извикуваше рефрените на Красива, Ти можеш све, Еј драга, драга.

Мора да признаам и јас бев воодушевена од неговиот пристап и ентузијазам кон тоа што го прави. Меѓутоа, сепак како да фалеше нешто, бидејќи веќе во втората половина од првиот час, народот некако како да се „измори”. Почнав да забележувам како публиката одеднаш започна да се проѕева, да тапка во место… Сите веќе почнувавме да си ги чепкаме телефоните и ко едвај да чекаме да дојде крајот на концертот.

Е сега ми се врти прашањето, зошто беше тоа така? Човекот се остави себеси на сцената, кога ќе ја погледнеш големата слика, тоа беше еден солиден концерт на ниво. Можеби јас сум сменета, порасната. Можеби и тие што зеваа и тапкаа. Што знам.

Едноставно, во секоја доба од животот ни се интересни одредени нешта. Се менуваме. И некои работи треба да ги оставиме во тоа време. Да не ги повторуваме во новите периоди. Нема да биде исто. Нема да биде возбудливо, ќе биде млако, монотоно. Нешто што нè правело ентузијасти и нè држело во исчекување не значи дека и по неколку години ќе го гледаме на ист начин.

Не велам дека концертот конкретно беше лош, ниту дека Здравко се сменил. Едноставно, ние сме пораснале и сме на некое друго животно ниво. Имаме други интереси. Кои веројатно ќе се сменат за брзо.

До следното читање, С.