Војо Иванов: Од животни, најтешко се справувам со луѓето

Која е суштината на Зоолошката градина? Да презентираш живот реален на животни. Кога имаш живот – имаш и смрт. Значи мора да биде место и на радост и на тага.

Симона Коцевска
Автор

Ако крокодилот не те сака – ќе те изеде, или ако лавот нешто го боли – ќе те нападне, но најтешко е да се работи со луѓето, бидејќи тие знаат да те манипулираат и да те лажат – особина која е непозната кај животните. Ова го вели маестро Војо Иванов, човекот кој е познат кај јавноста по тоа што отсекогаш знаел да искаже неизмерна љубов кон животните. Од неодамна тој беше заслужено вработен во скопската Зоолошка градина, но како што вели, иако можат да се забележат подобрувања, сепак таму сè уште се чувствува недостигот на кадар и на нови мотивирани луѓе кои би можеле значително да помогнат во менувањето на суштината на функционирањето на зоолошката. Во интервјуто за Калимеро тој говори и за двете слоници кои пред некое време беа донесени и открива дека скопјани сега имаат можност да гледаат во слон кој е со огромни димензии и кој е еден од најголемите слонови во Европа. Војо не заборави да го спомне ниту крокодилот-бегалец Гањо, ниту шимпанзото Коко, ниту срнчето Петре…

Кое беше твоето прво диво милениче?

– Повеќе би рекол егзотично, а претпоставувам и дека луѓето по тоа најдобро ме познаваат. Најпрво почнав да чувам игуани, оние гуштери, тарантули и слично. Веројатно бев тинејџер, претходно собирав локални видови и си ги чував по дома. Но, веќе таму некаде при крајот на основно и почетокот на средното образование почнав да чувам такви поегзотични миленици. Заштедата почнав да ја трошам на тоа, почнав да истражувам, да добивам контакти за да можам полесно да набавам некое такво животинче. Од мал имав голем ќеиф за егзотични животни и поради тоа и Зоолошката градина ми беше најомиленото место во градот.

Знаеме дека до пред неколку години го имаше еден од најснабдените пет-шопови во Скопје, можеби и во државава. Каде се сега тие животни и зошто повторно не се занимаваш со истата работа?

– Во 2014 година се случи многу лоша поплава, а поради тоа што мојата продавница се наоѓаше до Руска амбасада, беше целосно поплавена. Сепак, дуќанот функционираше цели 11 години функционираше, но таа случка ме истошти и финансиски и енергетски. Исто така, во последните неколку години послабо одеше бизнисот во смисла да тие храни и суплементи кои почнаа да се продаваат во сите поголеми маркети. Почнаа да ги нудат скоро секаде, кинески продавници, онлајн продавници и слично. И да бидам искрен, јас не се трудев премногу за да променам дел од моите навики со цел да станам онлајн-продавница. Некако почувствував дека тој тип на работа не е работа која што комплетно може да ме задоволи, бидејќи таман ќе се навикнеш на некое одредено животно и ќе го засакаш, па мораш да го дадеш и да размислуваш покомерцијално. Веројатно тоа е и една од причините зошто не го работам тоа и денес. Реално, го работев додека го работев со ќеиф, ама мора да размислуваш повеќе како трговец за да опстоиш со тоа. Имам супер декада од животот, едно многу убаво искуство, убави и интересни луѓе што сум ги запознал преку продавницата. Генерално, мисијата ја исполнив така што докажав дека продавница може да има и некомерцијални моменти, па така јас имав и соба со инсекти, библиотека, соба каде се гледаше Анимал планет. Пробував да ги мотивирам луѓето за да дојдат да разговараат за своите животни, да дискутираат. Вдомував, нели, животни кои што бесплатно се подаруваат. Секој месец правев такви ивенти за да привлечам повеќе љубители на животни и практично сменив некакви стандарди. На пример, еден од тие стандарди е дека продавничката не треба да е мала, да е во ходниче, па животните да се пикнати во мали кафези, туку тие треба да имаат услови. Практично, гледав да мотивирам народ да чува домашни миленици. Немам намера повторно да продолжувам со тоа, бидејќи таа етапа ми заврши и дел од животните, тие што ми беа миленици, си ги чувам дома сè уште, еден дел донесов во Зоолошката, ама ги чувам во позадина, не се сè уште достапни за публика. Исто така, има еден дел кој што беше покомерцијален уште тогаш, па ги вдомив по колеги во други пет-шопови.

И колку од тие животни чуваш дома?

– Оф, никогаш нема точна бројка, особено на лето кога се размножуваат одредени рептили и слично, ама генерално дома имам во моментов најмногу рептили, си имам и кучиња и глодари. Тоа се отприлика тие животни што можам да си дозволам да ги чувам во стан. Среќа што сега сум во Зоолошката па тука чувам многу повеќе и таа страст и мерак си ги надополнувам тука.

Која е разликата помеѓу дивото и питомото милениче?

– Јас правам и многу детски едукации и многу често на детски родендени одам како зоо-аниматор или како човек којшто раскажува за животни, иако моето шоу се вика Рептајл шоу. Јас секоја од моите презентации ја започнувам со овој муабет, а тоа е: „Дали чувате домашни миленици?“ И тие почнуваат да набројуваат: Да, куче, маче…

Јас секогаш знам да прашам: A дали некој чува крава?

И тие почнуваат да се смеат. „A коњ да не има некој“?

И тие пак се смеат. И јас викам: „Добро, што не учат на училиште? Зошто се смееме? Тие не се домашни миленици?“

И тие викаат: „Па не, тие се домашни животни на фарма. Тие не се домашни миленици“.

Добро, викам, јас сепак сум слушнал дека некои луѓе не јадат месо. Како се викаат тие луѓе?

Вегетаријанци“. И добро, ако вегетаријанец тргне да чува крава, што ќе се случи? Не ѝ го користи млекото, нема да ја јаде, тогаш таа ќе биде домашен миленик. Така?

Епа да…“.

А коњот? Ако јас не го користам за да орам нива, го користам само за да го јавам и да го галам, тогаш тој не е домашно животно, тој е домашно милениче“. Муабетот ми е дека во мојот живот се што можеше дома да влезе, технички, низ врата, беше домашно милениче. Сега сите што се во зоолошката се миленичиња. Така што, мразам дефиниција кое е диво, а кое питомо животно. Мразам поделби. Иако ги учиме често децата, јас стално ги учам да размислуваат аут оф д бокс, надвор од рамката, бидејќи тоа е мојата стратегија. Преку неформална едукација да отворам чакри, рамки, кои што треба да им дадат поширок спектар во животот.

По чуден сплет на околностите, пред некое време и самиот ти одледуваше мала срна. Како е да се живее со едно вакво животно?

– Па, знаеш како, многу е напорно да пробуваш да имитираш родител, во овој случај на диво животно кое потекнува од слобода, природа. Многу често и во зоолошките имаме проблем со тоа. Јас и во Африка работев слично, со носорози, кои биле утепани во природата. Нивните бебиња завршуваа во прифатилиште каде што јас работев, и јас се грижев за една такво бебе носорог. Многу е тешко, многу е напорно и многу одговорно, а од друга страна свесен си и знаеш дека емотивно мораш да се замрзнеш заради тоа што во моментот кога ќе се опуштиш, ќе имаш проблем. Тоа се нарекува импринт, животното го навикнуваш на себе, на вашата релација и тоа животно станува зависно од тебе. И тоа е многу лошо. Бидејќи не знаеш утре што ќе се случи со тебе, тоа е едното. Второто, му правиш една врска која преминува граници и утре кога тоа животно ќе има други другари, од истиот вид, предизвикува посесивност и проблеми. Тоа можеби изгледа како преслатка комбинација, па леле човек земал срнче… Е заради тоа прекинав со кариерата на Петре, зошто тоа беше идејата, да се изолира… да прекинеме во смисла да не ја навикнеме публиката дека може такво животно да се земе и да се чува по дома. Убава приказна е да се спореди дека не е дозволено, кривично дело е да прибереш животно од природа, а не е кривично дело да ја утепаш мајка му. Мојата причина за ставање на целата приказна околу срната во јавност беше таа, а не да ја мотивирам публиката да мисли дека овие се домашни миленици.

Сега таа срна е во зоо или?

– Не, таа е во село каде што чуваат и други животни за да може да гледа што повеќе природа, ама тоа е приказна што за жал ќе се повторува и понатаму, бидејќи тоа истото се има случено и со две мечиња, се случи скоро со еден рис којшто за жал почина. Ќе се случува и понатаму сè до моментот дури не најдеме, како држава зборувам, институција која треба да биде прифатилиште за диви животни, што е многу различно од зоо. Значи таму треба да има луѓе што се грижат, ама притоа не да прават врска со нив бидејќи тоа е еден вид на рехабилитација, за потоа повторно да се пуштат во природа. Тоа се институции што треба блиску да соработуваат со Зоолошката ама не и да функционираат заедно.

Колку се сменети условите во скопската Зоолошка градина во изминативе години?

– По мене, најважно е да се смени системот и се работи на тоа. Сè што гледа публиката е шминка, т.е она што се гледа однадвор. И тоа секогаш ќе го забележат, бидејќи е нешто ново. И нова вазна да ви донесам дома ќе речете: Oх, колку е убава вазнава! Ама ако не го исперам тепихот, повторно ќе има лош мирис“.

Значи, исто е и тука. Тука имаме институција што се простира на 13 хектари, физички огромна, технички огромна површина за одржување. Голем број на животни. Ни фали кадар, нови луѓе, мотивација за вработените и ни фали систематизација внатре, како би ја смениле суштината на функционирањето на Зоолошката.

Колку лично се познававте со крокодилот-бегалец и како изреагиравте кога слушнавте дека тој „скокнал“ преку оградата?

– Па не се познавав толку многу со бегалецот бидејќи се познавам многу подобро со неговата партнерка. Тоа е моја Кика. Со нејзе поминав 10 години живот и она живее сега тука со Гањо. Гањо е тој којшто е бегалецот и сега некогаш знаеме да се зезаме на таа тема дека моја Кика е прилично доминантна и е многу размазена, демек затоа Гањо решил малку да се одмори и да избега. Ама добро, шалата на страна, мене ми е мило што таа приказна заврши добро, еден ден откако заминав на конгрес во Атина се случи истото, а веројатно беше пропуст наш поради тоа што на одреден дел од живеалиштето оградата навистина беше оштетена. Крокодилите се ноќни животни и практично се протнал вечерта ама за среќа сабајлето колегите многу брзо го забележале и интервенирале и сето тоа заврши добро. И многу ми се допадна што таа приказна транспарентно ја ставивме за јавноста. Ја пласиравме приказната за да кажеме дека и тоа се случува. Се случило во многу светски зоолошки. Не лажевме дека погрешно е разбрано, едноставно ја пласиравме реалната слика. Тоа се случува, секој работи и греши. Ова беше грешка што мораше бргу да се исправи.

Јужна Африка, 2016

Слоновите се најновата атракција во скопската Зоолошка градина. Која е нивната најинтересна особина?

– За мене целата приказна околу двете слоници ми е многу интересна. Тие се последните две слоници што се фатени од природа. Тие се последните две слоници што ќе живеат заедно во зоо, од два различни вида. Едната е индијска, а другата е афричка. Од причина што отсега па натаму, заради добросостојба на животните не се мешаат видовите, туку треба да живеат заедно само со својот вид. Па така, ние сме последните што на едно место гледаме афричка и индијска. Тие се две различни фамилии и не се воопшто сродни, иако на нас ни личат на исти слонови. Значи, треба да живеат заедно или само афрички, или индијски. Тоа е втората интересна карактеристика. И третата е што Дуња е најголемата индијска слоница во Европа. Практично, Скопјани имаат прилика да гледаат еден слон кој што е со огромни димензии. Голем е просторот и можеби не изгледаат толку големи, но верувајте тоа е најголемата слоница која што ја имаме. И самата приказна дека тие секој ден настапувале на циркуски претстави и конечно после 30 години настапување, тие имаат прилика да се пензионираат. Многу понормално за нив, за мене ја прави приказната уникатна и доволно за да се задоволам со тоа. Жалната страна или лошата е таа што тие веќе од 2015 година се обидуваат да ги интегрираат со друга група на слонови. Не им успева затоа што тие веќе се премногу уморни и несоцијализирани со други слонови. Жалното е што тие никогаш нема да можат да бидат мајки. Тие имаат поголем проблем од она што ние го гледаме. Затоа и нашиот контакт е само со заштита преку струја.

Некоја интересна анегдота со мајмуните?

– Не сум работел со мајмуни, ама овде ќе имаме еден многу интересен момент. Едното е што овде имаме гибон којшто е многу редок и заштитен вид. Веќе второ бебе во зоо. Треба да се породи зимава, сега во следниве месеци. Тоа е едната интересна работа. Второто е што до крајот на годинава треба да имаме фамилија шимпанза. Меѓу нив е и Коко. Коко е роден овде. Тоа е шимпанзото кое е ѕвездата од 90-те години на скопската Зоолошка и се надевам дека добро ќе си поминат во однос на климатизација и прилагодување овде. Тоа е уште еден предизвик за нас, бидејќи сепак се работи за животни кои што живееле во лоши услови, циркуси, лаборатории. Коко патеше, нели од депресија. Сега ќе треба ние тие истите да ги третираме, тренираме по европски стандарди. Имаат ново живеалиште, живееле веќе во европски услови и истото ќе треба да го адаптираме за живот овде.

Со кое животно најтешко се справувате и зошто?

– Најтешко со луѓе. Нема животно со кое е тешко да се справиш. Најтешко со луѓе, затоа што луѓето се оние кои што секогаш манипулираат со емоциите и со чувствата. Тоа е најлошо. Ако крокодилот не те сака – ќе те изеде. Ако лавот го боли – ќе те нападне. Тогаш знаеш што да преземеш. Или го седираш, анестезираш или како што е Павловиот рефлекс – му даваш нешто добро за да тој дојде и направи нешто со тебе. Луѓето се оние кои развиваат една многу лоша алатка, тоа е манипулирање, прикривање и глумење и мислам дека тоа е нешто што кај животните го нема.

И за крај, едно бонус прашање кое што малку на зезање го смисливме во нашата редакција – Што ќе се добие ако се вкрстат жирафа и слон?

– Па веројатно да, ако се вкрстат ќе биде нешто како Скопје зоо веројатно. За жал, во однос на вкрстувањето или парењето, ние не може да се пофалиме како институција дека имаме многу искуство на оваа тема. И добро е прашањето, затоа што ние буквално сме го правеле тоа во минатото. Ние за жал, немаме фамилија како другите зоо што ти ќе се пофалиш да кажеш: Oва е моја петта генерација на слонови во зоо“. Тоа значи дека 40 години тој ист човек чува слонови. Ние за жал таков пример немаме. Ние немаме животно што овде опстојува две генерации, а не пет.

Или „Еј, оваа фамилија шимпанза е петта генерација овде родени. Значи, пра пра дедо е донесен од Африка во 20-те, 30-те години. Е, од тогаш ние истата фамилија ја одгледуваме. Тие умираат и се раѓаат“.

Која е суштината на зоо? Да презентираш живот реален на животни. Кога имаш живот – имаш и смрт. Значи мора да биде место и на радост и на тага. И децата, на тој начин им создаваш емпатија. Коа ќе си транспарентен со животот и смртта. Исто како дома. Јас често знам да кажам, ќе се степаат животни пред мене на настап и велaм: „Па да, и ние дома некогаш се караме, ајде да видам кој не се скарал дома никогаш?“ Тоа им го велам и на децата, дури и со најдобриот другар некогаш ќе се скараш. Не е секој ден розев. Не е секој ден Велигден. Има денови кога сакаш да се затвориш сам во соба. И кај животните се случува истото и тоа е нормално. Ама дури и тажните моменти треба да ги презентираме и да ги прифатиме. За жал, во минатото ние немавме многу среќни приказни за презентирање.

Останато