Жената и тероризмот

Жена и тероризам – звучи како контрадикција. Меѓутоа, нема ни многу основи за вообичаено поврзување на жената со мирот и со хармонијата. Иако не постои некој голем број жени меѓу терористите, сепак тоа не претставува нов феномен.

Меѓу водачите на РАФ имаше жени. Имаше Палестинки кои влегуваа во самоубиствени акции, а чеченските вдовици во Москва учествуваа во акциите со заробување заложници.

Ајлин Мекдоналд во 1991 година ја објавила книгата со интригантен наслов „Пукај прво во жената“, кој всушност е зајмена фраза од препораките што им се даваат на полицајците: Кога ќе се најдат очи во очи со група терористи, нека пукаат најпрво во жените. Тој совет им бил даван затоа што се очекува дека жените, а не нивните терористички браќа, пукаат први. За тоа дали ова тврдење е оправдано, не може никако да се донесе конечен одговор, но во основа, приказната што ја раскажува Ајлин во книгата е дека сите нејзини соговорорници – Германка од РАФ, Корејанка која го дигна во воздух авионот со стотина цивили, Италијанка од Црвени бригади – станале политички ангажирани во контекст во кој не е вообичаено жените да се мешаат во политичките прашања.