Киборгот се рестартираше

Култниот македонски бенд „Киборг“, вчера одржа самостоен концерт во Младинскиот културен центар во Скопје, кој беше во рамките на фестивалот „Таксират“. Откако киборгот лани беше рестартиран, кога исто така настапи во една од вечерите на фестивалот, овој пат момците ја покажаа својата исклучителна моќност.

Иако бендот дваесетина години не свиреше, сепак тој остана врежан во сеќавањата на домашната алтернативна публика, која со години наназад очекуваше музичката машинерија повторно да се вклучи во струја. Очигледно е дека „Киборг“ бил ставен во хибернација, а ресетирањето беше повеќе од потребно не само за македонската сцена, туку и за публиката и за самите членови на групата.

Новото поглавје кое го најавија уште лани, претставува влегување во новиот матрикс во кој се испреплетуваат ехото од минатото и мрачните футуристичките визии на технолошката индутријализација. Талкајќи по патеките низ матриксот, членовите на групата се фузираат во еден организам на кој му додаваат напредни музички и технолошки компоненти за да се адаптираат на новата околина. Тие тоа го почнаа уште пред дваесетина години, но тогаш музичкиот сајбер-простор не беше подготвен за нините футуристички визии. Затоа сега „Киборг“ пристигна со апдејтирана верзија 2.0 покажувајќи ја својата иновативност приспособена за ова време.

Музиката што вчера ја испорача „Киборг“, претставува мешавина на повеќе музички стилови, каде основата е мрачниот звук на кој му се додаваат елементи на панк, нојз, индустријал, метал и хардкор. Кога на сето тоа ќе му се додаде електрониката и разорениот вокал се добива еден убиствена машинерија чија ерупивна моќ руши се` пред себе.

Музички и идејно „Киборг“ е далеку пред своето време, а технички се на рамниште на бендови од калибарот на „Министри“, „Најн инч нејлс“, „Јанг гадс“, „Лајбах“. Ако се земе предвид дека Дарко Јаневски (вокал) и Влад Каевски (клавијатури) кои се оригиналните членови на групата, на кои сега им се приклучија и Перо Стефановски (гитара) и Горан Атанасов (тапани), се музичари кои зад себе имаат голем музички стаж во различни бендови како „Мизар“, „Бригаде ОД“, „Санаториум“, јасно е дека „Киборг“ е бенд што инструменталистички е супериорен.

На вчерашниот концерт „Киборг“, ги отсвире песните кои ги имаше снимено пред дваесетина години, но и повеќе нови кои звучат многу застрашувачки добро. Токму со овие песни, „Киборг“ го најави својот нов целовечерен албум, кој според најавите би можел да се појави во текот на наредната година.

Инаку, како предгрупа настапи скопскиот состав „КННТ“, чија музика одлично кореспондира со онаа на „Киборг“. Станува збор бенд кој опстојува на домашната сцена веќе неколку години и создава музика со авангардна лирика и текстура.

Михајло Мишко Грбевски
Новинар