Стојменовиќ: Социјалните мрежи се платформа за врсничкото насилство

Се почесто сретнувам лица кои се соочуваат со анксиозност и депресивност, а тоа и во светски рамки е проблем кој што е во пораст последниве неколку години. Грижата за себе и за менталното здравје треба да ни биде приоритет, а не само уште една задача која што ќе ја пикнеме под тепих.
Бојана Стојменовиќ
Психолог
Симона Коцевска
Автор

Бојана Стојменовиќ е психолог од Скопје. Силна, јака девојка. Се занимава, главно, со проблемите на младите. Всушност, се занимава со сите проблеми во главите на луѓето. Вели дека посетата на психолог или психијатар не треба да е таму-тема. Тврди дека психологијата е хумана професија и дека токму стереотпипите се оние кои придонесуваат за да биде табу тема.

Изминатата година го формиравте „Здружението за личен раст и развој и психоедукација – Мој Психолог“. Која е задачата на ова здружение?

Приказната на Мој психолог започна на навистина необичен, интересен и спонтан начин. Пред две години, Мој психолог беше фејсбук страна, на која што секојдневно споделував интересни содржини од областа на психологијата. На луѓето им се допадна пристапот кој што го градев со нив, почнаа да се интересираат, да прашуваат, се почесто да споделуваат. Тоа навистина ме радува, затоа што сметам дека за некои чести проблематики и состојби денес се информирани поголем број на лица. Потоа, една година подоца, го основав здружението „Мој психолог каде што ја работам мојата советодавна работа, организирам работилници и предавања. Задачата, односно мисијата на Мој психолог е иста – да ја доближам психологијата до секое лице употребувајќи ја моќта на социјалните мрежи. На тој начин сметам дека секој може да се информира, да се мотивира, да истражи, да се заинтересира, да се консултира и на крај секако да се демистифицира професијата психолог.

Организирате интересни работилници низ нашиве градови. За што се дискутира таму и која е нивната намена?

Пред еден месец во Битола ја организирав работилницата „Ослободи се од анксиозноста, која што помина со голем интерес и беше пријатно искуство и за мене и за учесниците. Добив информација од учесниците дека во Битола до сега немало работилница на оваа тема и дека биле изненадени од големата заинтересираност. Искрено, сите настани години наназад се организираат во нашиот главен град, а потребата да се зборува за одредени проблематики е подеднакво присутна и во останатите градови од нашата држава. Наредната година, ќе ми биде многу динамична и планирам да посетам повеќе места со неколку работилници, на теми кои што сметам дека се навистина потребни и ќе им бидат корисни на учесниците. Инаку, самите работилници се од психоедукативен карактер, каде што освен запознавање со одредената состојба или проблематика има и практичен дел, кој што се состои со одредени техники и вежби. Од работилницата од Битола, еден месец подоцна сеуште ми пристигнуваат пораки од задоволни учесници, а мене тоа дополнително ме радува и мотивира.

Како е да се биде во главата на Бојана Стојменовиќ?

Мислам дека ако некој би влегол во мојата глава, би излегол во наредните неколку секунди. Тешко ми е да ги стопирам мислите некогаш, па се ми се случува и кога пешачам, готвам или одмарам да ми се појави некоја интересна идеја која што едвај ќе чекам да ја реализирам. Во работната недела немам денови кои се исти, сите се повеќе или помалку динамични, со различни предизвици. Оваа глава на раменава се обидува да балансира, да се фокусира и да се релаксира во меѓувреме. Ама не се жалам, убаво ми е. Го уживам овој процес на личен и професионален развој во кој што се наоѓам.

Кои се најчестите проблеми со кои се соочува денешната младина?

Денешната младина се соочува со неколку генерални проблеми. Како најчести можам да ги наведам, проблемот со ниската самодоверба и себеприфаќањето, анксиозноста и потешкотиите во комуникацијата со родителите/врсниците. Ова укажува на тоа дека со оваа популација треба интензивно да се работи со поинакви стратегии од досегашните, а родителите да бидат поинволвирани во родителскиот процес.

Како да се избориме со проблемите кои ни ги задава модерното време?

Модерното време истовремено ни нуди задоволства, но и главоболки. Брзиот и стресниот начин на живот ни наметнува темпо на кое што ние не сме навикнати. Постојано сме во трка со времето и со различните грижи од секојдневието, па скоро и да немаме време за себе и да поработиме на сопствена душа и потреби. Се почесто сретнувам лица кои се соочуваат со анксиозност и депресивност, а тоа и во светски рамки е проблем кој што е во пораст последниве неколку години. Грижата за себе и за менталното здравје треба да ни биде приоритет, а не само уште една задача која што ќе ја пикнеме под тепих.

Посетување психолог или психијатар – табу тема?

Не сметам дека е табу тема посетата на психолог или психијатар. Мислам дека ние психолозите изминатите неколку години напорно работиме за да ја демистифицираме нашата професија и да ги срушиме сите стереотипи кои што се поврзани со нашата дејност. Секако, се уште не чека напорна работа, но сметам дека сме на добар пат и за неколку години од денес ќе има уште повпечатлива промена и прогрес. Психологијата е хумана професија, кај нас стереотипите се тие кои придонесуваат за да биде табу тема.

Знаци дека ни е потребна психолошка помош?

Не постојат универзални знаци кои ќе укажат дека е потребна психолошка помош, а притоа ќе важат за сите лица и за сите проблеми односно состојби. Знаците можат да бидат видливи за околината додека лицето нема увид за својата состојба, но може да биде и поинаку, околината да не ги забележува промените кои се случуваат, односно да не биде доволно сензитивна за проблемот на лицето. Генерално знаците кои може да укажуваат дека е потребна психошка помош, предизвикуваат промена во секојдневното функционирање на поединецот, чувство на стагнација, проблеми во интерперсоналната комуникација,нарушени семејни односи, чувство на безизлезност и неуспех на лицето самостојно да се справи со состојбата (проблемот) самостојно. Психолошката помош не е еднократна, туку станува збор за процес кој може да трае извесно време. Потребна е и голема посветеност и вложеност од страна на клиентот, затоа што промената не настанува само во оние 60 минути додека трае сесијата, туку и во техниките и промените кои што клиентот ги применува во своето секојдневно функционирање.

Какви совети им делите на младите пациенти во врска со социјалните мрежи?

Социјалните мрежи се дел од секојдневието на секој млад човек. Тоа е еден од трендовите кои ги налага ова модерно време во кое што живееме денес. Ги советувам да ги користат внимателно и свесно, затоа што секогаш може да се премине границата кон нивно прекувремено користење. Социјалните мрежи генерално делуваат негативно врз младите и тоа на повеќе начини кои меѓусебно се поврзани. Иако интерперсоналната комуникација ја прават полесна и подостапна, од друга страна интерперсоналната комуникација станува се посиромашна доколку како единствен канал за комуникација се социјалните мрежи. Социјалните мрежи стануваат платформа каде што врсничкото насилство, односно булингот станува се позастапен, а тоа негативно влијае врз самодовербата и себеприфаќањето кај младите луѓе. Советите одат во прилог на овие неколку големи проблеми кои ги наведов.

Не бараме од вас да откривате конкретни примери за конкретни проблеми со некои ваши пациенти, но ќе може ли да одвоите некоја интересна ситуација која ви се случила со пациент?

Секојдневно сум во контакт со нови луѓе и навистина некогаш се случуваат интересни ситуации. Еве, еден клиент еднаш беше зачуден зошто нема кревет во мојата канцеларија, а едно помало девојче мислеше дека сум сирената Ариел (поради црвената коса) и беше многу среќна во текот на средбата со мене.